
Заврши истрагата за пожарот во „Пулс“, обезбедени огромен број докази
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 30 Мај 2025

Основното јавно обвинителство Кочани денеска ја заврши истражната постапка во врска со пожарот во клубот „Пулс“ со која се опфатени вкупно 46 осомничени за Тешки дела против општата сигурност.
Во следниот период течат законските рокови во кои одбраната може да изврши увид во доказите и да предложи свои докази, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука.
Во истражната постапка постапуваа вкупно 13 обвинители од основните јавни обвинителства во Кочани, Скопје, Штип и Куманово кои презедоа голем број дејствија со кои обезбедија докази со цел утврдување на фактичката состојба.
„По наредба на јавните обвинители, полициски службеници и истражители од истражните центри на обвинителството, на лице место на трагичниот настан и на повеќе други локации, прибраа материјални докази и документација кои беа предмет на вештачење. Обезбедени се детални обдукциски вештачења за причините за смрт на секој од починатите, како и за видот и карактерот на повредите кај повредените лица“, соопшти Обвинителството.
Исто така, изготвени се градежно и хемиско вештачење, со кои се испитаа околностите во самиот објект, безбедносните стандарди, како и начинот на настанување и ширење на пожарот. Во однос на определен дел од документацијата за клубот се вршело и графолошко вештачење.
Извршени се распити на околу 400 сведоци и оштетени, а испитани се и осомничените. Од бројни електронски уреди (компјутери и мобилни телефони) се вршело извлекување и анализа на податоци, кои се вкрстуваа со останатите информации добиени во текот на истрагата. Во однос на работата и функционирањето на клубот проверки по насока на јавен обвинител вршеше и Управата за финансиска полиција.
Доказите кои се прибрани во текот на оваа истражна постапка, а се однесуваат на постапувањето на полициските службеници, обвинителскиот тим ќе ги достави на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција каде Специјализираното одделение до овој момент спроведува истрага против 14 полициски службеници. Овој дел од истрагата ќе продолжи и во следниот период со цел целосно испитување на сите факти и околности.
„Јавнообвинителската одлука за секој од осомничените поединечно ќе биде донесена врз основа на целокупниот доказен материјал. Дополнително, доколку од анализата на овие или други докази се утврдат елементи на кривично дело и кај други лица, кои до овој момент не се опфатени со истражната постапка, обвинителството ќе постапува согласно своите надлежности“, соопшти Јавното обвинителство.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
