
Пациентите со мултипла склероза бараат пристап до дијагностика и третман без ограничувања
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 30 Мај 2025

По повод Светскиот ден на мултипла склероза, кој секоја година се одбележува на 30 мај, Националното здружение за МС организираше настан под мотото „Точната дијагноза го менува животот: глобален повик за рана и прецизна дијагноза на МС“. На настанот присуствуваа здравствени работници, претставници на институции, пациенти, негуватели и други.
Претседателот на Здружението, Ана Карајанова Димитрушева, во своето обраќање ги истакна најголемите предизвици со кои се соочуваат лицата со мултипла склероза (МС) –рана дијагноза и следење на болеста, како и ограничен пристап до соодветна терапија – особено кај новодијагностицираните пациенти и оние кај кои е потребна промена на третманот кон повисоко ефикасен лек.
Присутните беа информирани дека благодарение на зголемениот условен буџет на ЈЗУ Универзитетската клиника за неврологија Скопје, одобрен од Фондот за здравствено осигурување, оваа година е овозможен третман за поголем број пациенти со МС. Но, и покрај овој позитивен исчекор, од Здружението велат дека остануваат значајни предизвици – меѓу кои се: ограничениот пристап до МРИ дијагностика, како и немањето можност за подигнување или примање терапија надвор од клиниката за неврологија.
Во рамки на настанот беа прикажани и 3 видео сведоштва од пациенти со МС кои на емотивен и автентичен начин ги опишаа своите предизвици со патувањето до клиниката за подигнување/примање на терапијата, трошоците, времето, заморот.
Тие упатија апел до институциите за дисперзија на терапијата во други здравствени установи.
Според анкетата на Здружението, огромно мнозинство пациенти веруваат дека дисперзијата на терапијата директно ќе го подобри нивниот квалитет на живот; ќе овозможи подобро искористување на капацитетите на секундарното здравство и намалување на оптовареноста на клиниката. Огромното мнозинство пациенти се изјасниле дека сакаат да ја примаат или подигнуваат својата терапија поблиску до домот.
На настанот беше упатен и апел до надлежните институции да овозможат пилот-програми за третман на МС во здравствени установи како ЈЗУ ГОБ „8-ми Септември“ Скопје, ЈЗУ Клиничка болница Штип и други регионални установи, каде што постојат услови, кадар и експертиза.
Националното здружение за МС со оваа активност се придружи на глобалната иницијатива предводена од Интернационалната МС федерација (MSIF) и над 3 милиони лица кои живеат со МС ширум светот, со цел да се подигне свесноста, да се олесни раниот пристап до дијагностика и третман, и да се подобри животот на сите засегнати од оваа хронична невролошка болест.
За Светски ден на мултипла склероза
Светскиот ден на МС беше воспоставен од страна на MS International Federation (MSIF) и нејзините членки во 2009 година со цел да се здружи глобалната МС заедница заедно за подигање на свеста и кампања за подобрување на квалитетот на живот на лицата со МС. Светскиот ден на МС се одбележува секоја година на 30-ти мај. Настаните и кампањите се одржуваат во текот на месец мај во скоро 100-тина земји ширум светот.
Што е мултипла склероза?
Мултипла склероза (МС) е една од најчестите невролошки нарушувања и причини за инвалидитет кај младите возрасни лица. Тоа е хронична, прогресивна, имунолошки посредувана, воспалителна и дегенеративна болест на централниот нервен систем. Настанува кога имуниот систем ја напаѓа обвивката на нервните клетки (миелин) во мозокот, ’рбетниот мозок и оптичките нерви, предизвикувајќи воспаление и последователна дегенерација, што води до прекин на невротрансмисијата на сигналот од една нервна клетка до друга.
Во Македонија од МС боледуваат повеќе од 2200 лица додека во светот има повеќе од 3 милиони лица. Многу е веројатно дека стотици илјади лица остануваат недијагностицирани и многу животи се индиректно зафатени. Повеќето лица со МС се дијагностицираат на возраст од 20 до 40 години, и околу два-три пати почесто се дијагностицираат жени наспроти мажи.
Причината за МС сѐ уште не е позната и до сега не постои лек, но постојат лекови кои можат да им помогнат на лицата со МС да ја стават болеста под контрола и постојат многу опции за подобрување и управување со симптомите.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
