Место со 1.000, независните бараат да им се дозволи учество на изборите со 50 потписи: Стануваме Северна Кореја, таму нема независни

 

Претставници на седум независни листи ширум земјава денес пред Собранието јавно ги потсетија пратениците дека треба да го послушаат Уставниот суд и итно да донесат измени на Изборниот законик со кои ќе им биде овозможено учество на претстојните локални избори. Откога Уставниот суд го укина членот од изборниот законик со кој прагот за собирање потписи за независни листи беше кренат на 1%, независните бараат измени со кои ќе биде дозволено да предложат кандидати со педесетина потписи.

 

„Бараме итно да се пополни таа правна празнина и да ни се овозможи за следните локални избори кои се планираат во октомври месец да имаме чисти и јасни услови како може да настапиме. Ова треба да биде најитно донесено, пред распишување на изборите. Бидејќи законодавецот најави дека во јули месец ќе ги распишат изборите, значи дека ни останува едвај еден месец за измените“, рече Јана Белчева од граѓанската организација „Шанса за Центар“.

 

Барањето да им биде дозволено да предложат кандидати со 50 потписи го испратиле до Собранието, до координаторите на пратеничките на сите пратенички групи, до Министерството за правда и до Државната изборна комисија.

 

Поради ограничувањето за независните кандидати на следните избори, Белчева земјава ја спореди со Северна Кореја.

 

„Македонија со ова е на листата на држави кои не покажуваат никакви демократски капацитети, напротив, сега сме не само како Северна Македонија, туку стануваме како Северна Кореја. Таму не се дозволени независни кандидатски листи“, рече Белчева.

 

Кандидирање со педесетина потписи од граѓани, Горјан Јовановски од „Зелен хуман град“ вели дека е европски тренд.

 

„За нас е прифатливо тоа што е во барањето, тоа се педесетина потписи за да може да се кандидираат независните листи на овие локални избори. Ова го следи европскиот тренд и европските стандарди каде што се отвора можноста за демократијата, а не се затвора. Ставањето проценти само во мал број општини ќе дозволи слобода во кандидирањето, а во поголемиот број општини го отежнува. Според последните измени што ги поништи Уставниот суд, за Скопје од 1000 потписи барањето се качуваше на 4500 потписи што е 4,5 пати повеќе од потребните потписи за основање една партија. Како може независните да имаат многу потешки услови од партиите и од што се плашат партиите. Од нас?“, рече Јовановски од „Зелен хуман град“.

 

Независните бараат измените итно да се донесат и во работните групи да има нивни претставници. Со измените очекуваат да им се дозволи името на групата, а не само на каддидатот да биде на избирачкото ливче, да имаат еднаков пристап до медиумскиот простор кој сега им е оневозможен и бараат и независните да имаат увид во Избирачкиот список оти сега немаат таква можност.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.