Сиљановска-Давкова: Нашето членство во НАТО не е само политичка формалност, туку стратегиска определба

Претседателката и врховна командантка на македонската армија, Гордана Сиљановска-Давкова на армискиот полигон Криволак присуствуваше и се обрати на воената вежба „Брз одговор 2025“, на која учествуваат повеќе од 2200 војници од 9 држави.

Испишувајќи уште една успешна страница во историјата на македонската армија, со вежбата, истакна таа – државата ја потврди својата определба да биде со земјите коишто го штитат мирот како врвен цивилизациски идеал. Додаде дека оваа вежба не е само демонстрација на воена моќ, туку манифест на солидарност, симбол на единството и потсетник дека само заедно можеме да им се спротивставиме на заканите коишто ги загрозуваат мирот и стабилноста.

Сиљановска-Давкова ја истакна посветеноста и стручноста на македонската армија, за која рече дека во време на глобални безбедносни закани е подготвена да дејствува рамо до рамо со сојузниците, во одбрана на слободата, достоинството и човековите права. Таа нагласи дека нашето членство во НАТО не е само политичка формалност, туку стратегиска определба.

Претседателката потенцираше дека со учеството на стотици македонски војници во најголемата воена вежба на овој полигон, државата уште еднаш потврди дека и покрај сите предизвици, стои цврсто на страната на мирот, безбедноста и заедништвото.

Во кусиот разговор со војниците, таа изрази задоволство од нивната професионалност демонстрирана на теренот и им се заблагодари на сојузниците за поддршката, помошта и за споделеното знаење.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.