
„Зелен хуман град“ за безбедносната зона околу Собранието: Претставничката демократија е мртва
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 03 Јуни 2025

Како што владата на ВМРО во едно минато мрачно време се огради со метална ограда со шилци од тие што наводно ги претставуваше, така сега сите пратенички групи во Собранието го прават истото со наводната „безбедносна зона“ околу она што би требало да биде дом на демократијата, дом кој би требало да е симбол на владеењето на народот, реагираат од Зелен хуман град за најавата за безбедносна зона околу Собранието.
„Да биде иронијата поголема, најголем дел од пратеничките групи — архитекти на „безбедносната зона“ околу Собранието, беа во првите редови на протестите против оградата околу влада што ја крена ВМРО, а сега сите заедно со ВМРО креваат нови, овојпат невидливи, но еднакво исклучувачки огради околу Собранието за да се заштитат од тие што наводно ги претставуваат.
Како и противуставните измени на Изборниот законик, така и сега, законот со кој ќе се крене „безбедносна зона“ околу Собранието се носи во скратена постапка далеку од очите на јавноста, со амин од сите партии „народни претставници“ во Собранието“.
Според активистите на оваа граѓанска иницијатива, со подигање „безбедносна зона“ околу Собранието што, како што оценуваат, во превод е забрана за јавни народни собири „не само што го кршат Уставот, туку пратениците ни праќаат една единствена јасна порака — претставничката демократија е мртва“.
„Оттука, единствено ни преостанува директно вклучување на народот во процесите на носење одлуки. Да живее директната демократија!
Доаѓа ера на независните! Доаѓа ера на слободоумни граѓани кои на минатите локални избори покажаа дека се способни да се самоорганизираат и да се самопретставуваат во институциите каде што се носат одлуките!
P.S. За сите „најнародни пратеници“ што се обидуваат да спинуваат дека не се работи за забрана за протести околу Собранието, туку наводната цел била спречување изградба на објект во тревникот, што бара тогаш забрана за протести да е вклучена во предлог-законот? И како таа забрана за протести во тревникот ќе помогне да се реализира целта спречување изградба на објект?!
Воедно, го цитираме членот 21 од Уставот во кој јасно е уредено кои се единствените ситуации кога може да се ограничи или попречи јавен собир, макар тоа било и на 2 метри квадратни тревник до Собранието, а во случајов не се работи за 2м2 се работи за над 1 хектар површина!
И едно од побитните прашања: Околу кој друг невоен објект на претставничката демократија постои „безбедносна зона“ и дали оваа „безбедносна зона“ околу Собранието ќе се користи како аргумент за идни „безбедносни зони“ околу останати невоени објекти кои на хартија му припаѓаат на народот, а во реалноста се приватна сопственост на политичките елити од Собранието“, прашуваат од Зелен хуман град
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
