Љутков: Јубилејната поштенска марка е потсетник дека македонскиот јазик живее и трае

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска, во Порта „Македонија“ се обрати на промоцијата на јубилејната поштенска марка по повод 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик со зборовите: „Човек без јазик е како дрво без корен“.

 

„Со овие зборови го почнувам денешното обраќање бидејќи нема ништо поважно за еден народ од неговиот јазик. Тој не е само средство за зборување, тој е срцето на нашата историја, борба и љубов кон зборот, кон коренот, кон татковината. Затоа, да се грижиме за јазикот, значи да се грижиме за себе, за иднината на нашите деца и за споменот на нашите предци“, рече Љутков.

 

Тој додаде дека со денешната промоција на специјалната поштенска марка му оддаваме чест на нашиот македонски јазик.

 

„Во овој свет на брзи комуникации и дигитална ера се чини дека поштенската марка е нешто од минатото. Но, не, таа е токму спротивното. Таа е сведоштво на трајноста. А македонскиот јазик е токму тоа – трајна вредност, што ги преживеала времето, притисоците и обидите за негирање. Затоа оваа поштенска марка има огромно значење. Таа ќе патува низ светот и ќе раскажува за осум децении јазична зрелост, за генерации писатели, поети, научници и наставници што го градеа и го збогатуваа македонскиот јазик. Истовремено, ќе биде и потсетник дека македонскиот јазик живее и трае. Има своја историја, своја убавина и своја сила“, рече Љутков.

 

Министерот Љутков на крајот од своето обраќање порача: „Да продолжиме да го негуваме македонскиот јазик со истиот идеал што го водеше Конески – со тивка сила, со длабоко чувство за одговорност и со верба дека зборот е столб на идентитетот“.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.