И по 11 години од смртта на Тоше Проески, повторно ќе слушаме нови необјавени песни од него

„Македонскиот пејач Тоше Проески загина утрово во сообраќајна несреќа во Хрватска. Како што јавија хрватските медиуми, несреќата се случила кај Нова Градишка во западна Славонија“, оваа информација пред 11 години ги шокираше Македонија и Балканот кои тагуваа по Тоше.

 

Една од најголемите македонски музички ѕвезди на денешен ден во 2007 година го загуби животот во сообраќајна несреќа на само 26 години. Тоше зад себе остави големо музичко наследство, но воедно и изјави на различни теми по кои ќе го паметиме.

 

Македонија и Балканот денеска се сеќаваат на Тоше Проески кој на денешен ден пред единаесет години трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, на пат кон Загреб. Како и во изминатите десет години, маратонци од повеќе градови од Македонија во чест на Тоше трчаа маратон и денеска напладне пристигнаа во Крушево на неговото вечно почивалиште.

 

Оваа година на 5 октомври не се одржа манифестацијата „Ѕвездено небо за Тоше“ која фановите на Тоше во изминатите десет години ја организираа на плоштадот „Македонија“ во спомен на неговиот последен хуманитарен концерт што го одржа на 5 октомври 2007 на Градскиот стадион. „Ѕвезденото небо“ не се одржа зашто се подготвува голем концерт посветен на Тоше на 2 номеври, со настап на пејачи од Балканот. На концертот кој ќе се одржи во Борис Трајковски, повторно ќе им оддадеме почит на големите хитови на Тоше, но и ќе слушнеме нови, досега необјавени материјали, односно ќе биде промовиран и албум со необјавени песни од Тоше Проески, насловен „Secret place". Материјалот бил работен во студиото на познатиот англиски продуцент Енди Рајт, кој воедно беше автор и на претходниот англиски албум на Тоше – „Тhe Hardest Thing“.

 

Животот на Тоше заврши во годината кога одбележуваше десет години успешна кариера и кога таа почна да станува меѓународна. Но албумот на англиски јазик што го подготовуваше беше постхумно промовиран (The Hardest Thing).

 

Тоше Проески е роден на 25 јануари 1981 и својот музички талент го покажал уште како петтоодделенец на фестивалот „Златно славејче“ (1992) каде испеал песна на влашки јазик. Музичката кариера ја почна со победата на „Мелфест“ во Прилеп, во 1997 година, и оттогаш настапуваше на сите значајни фестивали во земјава и регионот, а во 2004 ја претставуваше Република Македонија на Евровизија во Истанбул. Таа година стана и амбасадор на УНИЦЕФ. Објави седум албуми - неколку и во превод на српски и хрватски јазик. Последниот - „Игри без граници“ беше промовиран две недели пред несреќата, а последниот концерт, кој беше хуманитарен и за подобрување на условите во образованието во Македонија, го одржа на Градскиот стадион на 5 октомври 2007.

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.