Џамаларите од Орашац ја одбележаа Василица во кумановско

Празникот Василица и годинава го одбележаа џамаларите од кумановското село Орашац. Маскираните ги посетија куќите во селото, тропајќи со клопотарци, верувајќи дека на овој начин ги бркаат лошите духови, а нивните соселани ги даруваа со василичарски подароци.

 

-Оваа традиција не е згасната во Орашац. Одиме од куќа на куќа откако ќе ги собереме овие подароци си купуваме нешто за спомен, а остатокот од парите го поклонуваме на црквата, месната заедница или организираме вечерва и си даваме збор дека идната година повторно ќе продолжиме, изјави Крсто Милошевски, еден од организаторите.

 

Џамаларите од Орашац традиционално учествуваат и на сличните манифестации што се одржуваат на ниво на државата.

 

Вишиот кустос од кумановскиот Музеј, Анита Трајковска Ѓорѓеска, појаснува дека ова е карактеристична обредна игра за празникот наречена, Џамала, а самите учесници кои се исклучиво машки лица се нарекуваат џамалари. Како таква, таа е наследена пред повеќе од едно столетие од нашите предци, а единствено населението од село Орашац и ден-денеска ја изведува.

 

-Самиот збор џамала има турско потекло и означува лик кој во себе содржи комбинација на човечко суштество и различни животни и птици. Подготовките за изработување на маските се започнувале еден месец порано, приспособувајќи ги кон улогата што ќе ја имаат во игрите кои требало да ги изведуваат. Маските биле изработувани во зооморфен и антропоморфен облик. Антропоморфниот облик бил поуспешен доколку изгледал пострашен, онака како што народот го замислувал демонското суштество. Маските од зооморфен облик најчесто биле претставени преку ликови на мечка, коњ, магаре и овен- дополнува, Ѓорѓиеска.

 

Според етнолозите од кумановскиот музеј, Св.Василиј или Нова година се слави на 1 јануари по стар, односно 14 јануари по новиот календар. Се слави во чест на обрежувањето на Исус Христос.

 

-Што се однесува до обичаите тие имаат за цел, да се заштити куќата од зли духови и демони, да се обезбеди благосостојба на населението, бериќетна година и плодност на добитокот и живината. Овој обичај, сепак не ги изгубил основните карактеристики, вербата и желбата за среќа, здравје и напредок, но добил и забавен карактер, додаде Ѓорѓиеска.

 

Традиционалното јадење кое се подготвува секоја година е качамакот од пченкарно брашно кој се служел со сланина и сирење. Овошјето, виното и ракијата се присутни на трпезата, а наутро се подготвува и бареница – топеница од пченкарно брашно.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.