ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривична пријава против Костовски, Џафери и Ибраими

Зоран Заев на сметка на уставниот поредок, на сметка на државните и национални интереси се самопромовира во лидер со најголем рејтинг меѓу етничките Албанци. Заев замина на луксузен одмор во странство, во Германија и остави, даде зелено светло да се реализира уште еден насилнички акт против Република Македонија; Акт за спроведување двојазичност и рушење на уставноста во Република Македонија!

 

Вицепремиерот Бујар Османи го потврди тоа што СДСМ го криеше од граѓаните. Реализацијата на шверцуваниот закон за двојазичност остава последици по државата; а згора на тоа подразбира и финансирање нова инфраструктура со стотици нови вработувања во администрацијата.

 

Почитувани, Организираната група за загрозување на уставниот поредок -мора да одговара за тешки злоупотреби на службената положба и овластување со токму таква намера, да го загрозат уставниот поредок и да нанесат огромна штета врз буџетот на РМ.

 

Директорот на Службен Весник Мартин Костовски, заедно со Талат Џафери и Неџбели Ибраими, свесно, со умисла, и со најава, на криминален начин, вон сите прописи,  овозможија да биде објавен Закон без потпис од претседателот на Република Македонија.

 

Тројцата здружени, објавија Закон и покрај сите јавни експертски толкувања на прописите, спротивно на укажувања од штетноста на такво однесување, како и спротивноста на воспоставената правна пракса; укинат Закон од Уставниот суд на Република Македонија, објавен без потпис на Претседателот.

 

Токму затоа, ВМРО-ДПМНЕ поднесе Кривична пријава против Костовски, Џафери и Ибраими, за Злосторничко здружување, за Злоупотреба на службена положба и овластувања и за Саботажа, дела за кои што се предвидуваат долгогодишни затворски казни!

 

Постои група,постои организираност, постои намера, постои цел- а тоа е свесно и со умисла, со злоупотреба на своите функции и работни обврски, спротивно на пропишана процедурата за прогласување на закон, да предизвикаат стапување на сила на Законот за употреба на јазиците и со тоа да го загрозат уставниот поредок и да нанесат финансиска штета на државата. Постои огромна оправданост за кривична пријава  за објавувањето на Законот во Службен весник.

 

Почитувани , Секој што ќе ги прекрши Уставот и законите МОРА да одговара. Јавнообвинителскиот систем мора да почне да работи по закон и да ги штити интересите на граѓаните и државата наместо затворени во пупката на прислушување да ги штити интересите на политичката врхушка. Системот мора да ја процесуира кривичната пријава против организираната група за загрозување на уставниот поредок.

 

Криминалите против државата не застаруваат, ќе одговараат по Кривичните пријави што ги поднесува ВМРО-ДПМНЕ. Ќе одговараат многу брзо, сите, од прв до последен!

 

Новинар прашање: Дали имате пресметки колку ќе чини имплементацијата на Законот за јазици, ако е така како што спомнувате дека се неопходни стотина вработувања?

 

Одговор: Тоа што го напоменав беше објавено вчера од вицепремиерот Бујар Османи, во негова изјава каде што спротивно на соопштението на власта дека нема да има нови вработувања, дека нема да има нова инфраструктура, дека нема да има буџетско оптоварување за воведување во правниот систем на овој закон внесен на шверцерски начин противуставно, противзаконски. Неговите пресметки беа дека ќе треба да има нови вработувања, дека ќе треба да има нови институции воспоставување на нови институции и сето тоа дека ќе биде на штета на оптоварување на буџетот на Република Македонија. Тоа што е наш став, тоа што е став на ВМРО-ДПМНЕ е дека овој закон е противуставен, овој закон е донесен на противуставен начин, овој закон е донесен вон процедурите за носење, скршен е и Деловникот, скршени се законите, скршен е и Уставот во однос на неговото објавување,  поднесени се кривични пријави за оваа организирана група од тројца, Директорот на Службен весник, претседателот на Собранието и помошникот секретар на Собранието.

 

Новинар Прашање: Завчера Скопје беше номиниран за најзагаден град во светот. Со истата загаденост се соочуваат уште три-четири градови во Македонија. Кој е вашиот став?

 

Одговор: Колку што знам и Прилеп над 1000 дојде загаденоста што е алармантно, што е еколошка катастрофа која што се случува во државата и којашто покажува дека оваа власт предводена од Зоран Заев е наменета само за една намена и воопшто немаат ниту способност, ниту сакаат да ги решаваат реалните проблеми на граѓаните. Се работи за еколошка катастрофа којашто е еднаква на геноцид , дури и објавените мерки од нивна страна не се мерки коишто долгорочно ќе допринесат за  намалување загаденоста, туку е една мерка којашто е само некакво набрзина гасење на пожарот, условно кажано. Две години поминаа откако се на власт ветуваа чист воздух, ветуваа итни мерки, ветуваа мерки коишто долгорочно ќе го намалат загадувањето. Сведоци сме само на една мерка за којашто постои огромен сомнеж, а тоа е дека после секое енормно зголемување на загаденоста се расипуваат мерните станици и се гасат мерните станици низ градовите и оние места каде што ќе се покаже енормно загадување. Колку што имам информации сабајлево не работи мерната станица во Прилеп, онака како што не работи подолго време мерните станици низ дел од Скопје каде што се покажуваше најголемо  загадување, ВМРО-ДПМНЕ предложи сет од десетина мерки пред подолг временски период во насока да се намали, системски да се намали загадувањето за да може да имаме поздрава животна средина во справување со оваа еколошка катастрофа, но сепак нема никакво почитување на тоа што ќе дојде како предлог на ВМРО-ДПМНЕ во насока на справување со овој огромен проблем за граѓаните.

 

Новинар Прашање: Пазарџиите се кренаа на протест поради ново предложениот Закон за пазарите каков е вашиот став? Дали сте за повлекување на овој Закон или да биде донесен?

 

Одговор:ВМРО-ДПМНЕ уште веднаш по објавувањето на информациите дека ќе биде донесен ваков Закон односно предлог Закон, реагираше и посочи на штетноста на едно вакво законско решение со кое што се опфатени мислам дека една третина од оние коишто делуваат на зелените пазари, но и штетноста по буџетот на Република Македонија со оглед на тоа што како што посочивме во неколкуте прес конференции организирани токму во насока на штетноста на оваа мерка предложена од власта дека  прво ниеден од засегнатите институции кои што функционираат на зелените пазари немаат против оние луѓе кои што се опфатени, онаа категорија на луѓе кои што се опфатени со оваа предлог мерка сега од власта за нивно делување на пазарите. Напротив се поттикнува една сива економија и дополнително осиромашување на граѓаните во услови нели на една голема економска криза која што се случува во Република Македонија. Колку што е познато постои предлог за повлекување на ова законско решение против кое се побунија и пазарџиите и јавноста, а укажуваше и екпертската јавност. Но, сепак немам информации дека до такво нешто ќе дојде. ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека ова е штетен предлог-закон кој директно влијае на социјалните категории коишто функционираат на зелените пазари и од аспект на оние што работат на зелените пазари, но и од аспект на оние коишто се корисници на услугите на  оние што работат на зелените пазари.

 

Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.