Јованоски: Пет причини за Прилеп како најеколошки град за 2018

Поради најсовремената пречистителна станица што лани ја доби Прилеп, и процесот на гасификација што е во напредна фаза, како и набавката на четири нови автобуси на метан, поставувањето мерна станица и селекцијата на отпадот со што Прилеп е прв во Македонија, општината го доби признанието за најеколошка во 2018 година на конкурсот на компанијата „Пакомак“, нагласи денеска прилепскиот градоначалник Илија Јованоски за доделувањето на ова престижно признание кое градот го сфаќа како голема обврска.

 

– Постојат неколку главни причини зошто Прилеп е избран за најеколошка општина. Прво, поради тоа што пречистителната станица што ја ставивме во употреба минатата година, што чини 23 милиона евра и е наменета за потребите на стотина илјади жители, е најсовремена во државата. Почнавме со реализацијата на гасификацијата. Проектната документација е направена, почнат е тендерот за проектната документација за секундарната мрежа во градот, што е еден од предусловите за почиста животна средина, зашто во Прилеп, главно, греењето е на дрва. Трет критериум е што Прилеп ги доби четирите нови автобуси за градскиот превоз на метан што се за намалувањето на загадувањето, рече Јованоски.

 

Поминуваат три месеци откако кон крајот на минатата година Прилеп првпат постави мерна станица за нивото на аерозагадувањето. Според Јованоски до крајот на месецот станицата ќе се баждари да ги покажува реалните резултати, а градот наскоро ќе одлучува за варијантата колку и како да постави други мерни станици.

 

– До крајот на март завршува тримесечната пробна употреба на станицата и баждарењето. Инсистирав од почеток да покажува ниво на загадување, бидејќи најкритични се декември и јануари, односно во Прилеп за огрев се користат најмногу дрва и јаглен. По баждарењето на мерната станица ќе имаме регуларни резултати за нивото на аерозагадувањето. Во контакт сме со компанијата од Скопје за најавените 20 до 30 мерни станици да се постават. Во овој момент не сме подготвени, односно од компанијата не се подготвени. За оваа намена треба да се издвојат средства од локалниот буџет, а тоа може да се направи со ребаланс. Инаку, по консултацијата со ректорот на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ и со заменик министерот за животна средина, ни беше советувано да не брзаме со тој начин, зашто ако има можност да се постават уште 2-3  мерни станици што би ги добиле од Универзитетот, тогаш не би имало потреба за поставување на тие 20-30 што се на пониско ниво од овие на штипскиот универзитет. Во секој случај, ќе ги анализираме сите аспекти, и стручни и финансиски и ќе решиме за начинот на поставувањето други мерни станици, а во секој случај ќе сакаме да знаеме која е концентрацијата на ПМ 10 честичките. Она што е најдобро, ќе го примениме, објаснува Јованоски.

 

За признанието најеколошки град е важен и процесот на селекција на отпадот што Прилеп го спроведува од 2008 година и е прв во земјава со најголеми количества селектиран отпад. Според податоците, во 2017 година од вкупно селектираниот отпад од 1565 тони во сите градови, само Прилеп селектирал 936 тони отпад. За преку 16.000 домаќинства, досега се набавени преку 21.000 канти за селекција на отпадот што е 63 насто ефикасност, а од лани се вклучуваат и населените места. Во меѓувреме, за селекцијата на отпадот во ЈКП „Комуналец“ е во тек набавка на 50-тонска преса, од ИПА програмата на ЕУ што многу ќе помогне во селекцијата на отпадот.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.