Потпишан договорот за изградба на пат во пехчевската индустриска зона „Чуката“

Директорката на Центарот за развој на Источно планскиот регион, Драгица Здравева и градоначалникот на Општина Пехчево, Драган Тренчoвски денеска во Штип го потпишаа договорот за изградба на патот во индустриската зона „Чуката“. Директорката Здравева вели дека средствата за изградба на овој пат од 2.500.000 денари се обезбедени преку Бирото за рамномерен регионален развој и Министерството за локална самоуправа, а останатите 300.000 денари се обезбедени од буџетот на Општина Пехчево.

 

– Тоа се средства од Програмата за рамномерен регионален развој 2018 година. Се работи за проект, што е обезбеден од заштедените средства од позитивните електронски аукции. Се надевам дека изведувачот за кратко време ќе биде воведен во работа и во планираниот рок ќе се изврши изградбата на патот, вели Здравева.

 

Градоначалникот Тренчевски истакна дека станува збор за пат, што е од значење за десет индустриски објекти, што веќе функционираат во оваа зона.

 

– Тоа значи и дополнителен инпут за нови инвеститори, што се во најава и ќе значи и нови работни места, со што ќе го намалиме бројот на невработени лица во општината и се разбира и во регионот. Имаме и најава и за изградба на спортски комплекс. Тој спортски комплекс ќе содржи базен, две тениски игралишта, две функционални игралишта, други придружни објекти, што ќе бидат од огромно значење пред се за развој на туризмот во Пехчево, рече Тренчoвски.

 

Изградбата на патот во индустриската зона „Чуката“ се очекува да биде реализирана до крајот на август 2019 година. Тренчoвски забележува дека со создавање на инфраструктурата во оваа зона веќе имаат најави и за нови инвестиции, а се очекува бројот на невработени во оваа општина во Малешевскиот регион и да се намали. Во моментов во Пехчево има 700 невработени.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.