Во Крива Паланка се одржа седница на локалниот Совет за превенција

За алармантната состојба со пожари на отворено овој месец, безбедносната состојба во градот и за претстојната голема еко-акција, на седницата расправаше Локалниот совет за превенција на Општина Крива Паланка.

 

Со седницата претседаваше градоначалникот на Крива Паланка Борјанчо Мицевски, а присуствуваа одговорните од надлежните служби од различни области, од Територијалната противпожарна единица, Јавното претпријатие „Македонски шуми“, подрачно шумско стопанство „Осогово“, полициска станица од општа надлежност- Крива Паланка, од образовните институции, Дирекција за заштита и спасување, ЦУК,  Црвен крст и други.

 

За избегнување настанувања пожари на отворено што го загрозуваат шумскиот фонд и животната средина e препорачано дека сите треба да преземат голема одговорност и да бидат ажурни, да се интервенира благовремено за сите сомнителни движења во шумите и палење оган на отворен простор и Полициската станица да интервенира, во месните заедници да се достават информации за сите утврдени препораки на советот и да се прошират до што поголем круг население.

 

Во однос на безбедносната состојба во Крива Паланка, командриот на ПС од ОН, Дејан Маринковски, информира дека намалување се бележи кај бројот и на кривични дела и на случени сообраќајни незгоди, но и на криминалитетот во првото тримесечје од годината, во споредба со минатата година, но, како што рече, загрижува фактот што во последно време кружат одредени дезинформации кои се шират на социјалните мрежи за наводни киднапери на деца во Крива Паланка.

 

-Најостро ги осудувам сите кои ги шират таквите дезинформации, тврдам дека се испитани наводите објавени на некои социјални медиуми од одредени лица и истите се повикани на разговор во ПС, по што се опоменати и се утврдуваат причините за ширење такви невистини. Не се забележани никакви сомнителни возила, ниту лица кои вршат какви било дејства по однос на загрозување на слободата на движење и животот на лица-жители на општината, така што, апелирам сите да се однесуваме посериозно и овие гласини да се отфрлат што поскоро, рече Маринковски.

 

Oд одржаната седница се препорачува во училиштата да се одржат родителски состаноци и средби со советите на родители и тие да се известат за ова, дека децата во градот се безбедни.

 

ПС од општа надлежност Крива Паланка ќе договори и поширока средба и предавање на тема безбедност со одговорните од Отсек за превенција при СВР Куманово.

 

Советот беше заокружен со информација за претстојната голема еколошка акција „Општина без смет за поубав свет“ со која е планирано расчистување на целата општина по однапред утврдени план и програма, иницијатива која потекнува од младите еко-тимови во градот, а ќе ја разубави комплетната слика на општината.

 

-Во акцијата ќе се вклучат голем број граѓани, организации, приватни и јавни институции, спортисти, пензионери, акцијаши, планинари, извидници, волонтери, а самоиницијативно се пријавија и голем број граѓани. Појдовна точка е Торанечка зграда, населба Осочка маала, недела, 9 часот и 30 минути. Во оваа прилика ги повикувам сите граѓани да придонесат за поголема масовност и успех на акцијата, рече градоначалникот Мицевски.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.