All for Joomla All for Webmasters

Оптимизам и исчекување за датум за старт на преговорите

Бескомпромисен оптимизам кај Владата за добивање датум за отворање на пристапните преговори и воздржаност кај дипломатите во исчекување на извештајот за напредокот на земјата.

 

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан вчера најави дека ЕК ќе препорача отворање на преговорите со Скопје и Тирана во извештаите за напредокот на земјите што ќе бидат објавени на 29 мај.

-За две недели ќе го претставиме нашиот годишен извештај во кој што сигурно ќе препорачаме отворање на преговорите за двете земји (Албанија и Северна Македонија). Двете земји ги исполнија условите и сега е на земјите членки да излезат со политички проценки, кажа Хан за Радио Слободна Европа.

 

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи вчера изрази увереност дека оваа година земјава ќе влезе во втората фаза после дваесет години напори, и ќе започне преговори за пристапување со Европската Унија. Спорд него, не може да се најде забелешка за работата на Северна Македонија во однос на исполнувањето на критериумите, подвлекувајќи дека штетата ќе биде многу поголема да не се започнат, отколку да се започнат преговорите, дури и во случај на внатрешните дилеми и стравови што ги има во земјите-членки.

– Работиме со земјите-членки, со сите нивни дилеми што ги имаат во однос на проширувањето. А тие дилеми не се однесуваат на нас. Не може да се најде забелешка за работата на Северна Македонија во однос на исполнувањето на критериумите. Се обидуваме да им објасниме дека интересот за започнување на овој процес е многу поголем, и штетата е многу поголема да не се започнат, отколку да се започнат преговорите, дури и во случај на внатрешните дилеми и стравовите што ги има во земјите-членки. Така што јас сум оптимист и ве уверувам дека нема да оставиме непревртен камен и камче за да обезбедиме оваа држава да почне преговори годинава, истакна Османи.

 

Заменик министерот за надворешни работи на Полска, Шимон Шинковски вел Сек, на вчерашната средба со новинарите го сподели својот оптимизам во оценките за Северна Македонија дека исклучително добро напредува на патот кон ЕУ и оти се надева дека ЕУ ќе го препознае тој напредок и ќе го вреднува со датум за преговори за членство.

-Навистина сум импресиониран како земјата напредува во реформите изминатите години. Ние имаме големи проблеми во Западен Балкан, но кога бараме земја пример за успех, земја која успеа да направи реформи и голем чекор напред во евроинтеграцискиот процес тоа е Северна Македонија. И не е во прашање само Преспанскиот договор,туку и внатрешните реформи, кои укажуваат дека има можност балканскиот регион да се доближи до ЕУ, потенцира тој додавајќи сепак дека тоа не е само нивна одлука и дека ќе треба да се почека ЕУ да ја донесе во јуни.

И Австрија ја реафирмираше поддршката за почеток на преговорите со ЕУ. Претседателот на Собранието Талат Џафери кој престојуваше во дводневна официјална посета на Виена, од потпретседателот на Сојузниот Совет на Република Австрија Магнус Брунер, доби цврста порака дека отворањето преговори на Северна Македонија во јуни 2019 година ќе испрати јасна и позитивна порака до сите земји пристапнички во Западен Балкан.

Амбасадорот на Франција Кристијан Тимоние, пак, вчера во Прилеп изјави дека не може да зборува за датум за преговори пред да биде објавен Извештајот на ЕК за нашата земја кон крајот на мај за да направат проценка дали е спроведено се што требаше во Република Северна Македонија, особено од областа на судството и на правната држава.

-Да се предвиди датум, ќе кажам не, не сум астролог, но сепак, ќе кажам, еден од условите да се завршат почнатите работи, односно да се заврши агендата 3-6-9, потоа агендата 18, кои претставуваат извонредни работни инструменти. Ќе го чекаме извештајот на Европската комисија за кон крајот на месец мај да направиме проценка дали се спроведени сите оние работи кои требаше да се спроведат, особено од областа на судството и на правната држава, изјави Тимоние пред студентите од Економскиот факултет каде одржа предавање на тема: „ЕУ во пресрет на изборите, предизвици и надежи – француско гледиште".





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© 2017 MTM ТВ Дооел - Скопје. Изработка и хостинг: Делта Софт ЛТД - Гевгелија. Сите права се заштитени.