Во Велес и велешко изминатата седмица регистрирани шест новозаболени од морбили, од почетокот на годинава вкупно 37

Во ЈЗУ Центар за јавно здравје регистрирани се шест новозаболени од мали сипаници од кои две се бебиња под шест месеци, останатите четворица се возрасни на 31 и 37, а двајца на 41 година, кои не биле вакцинирани.

 

Како што информира за МИА, д-р Билјана Трајкова епидемиолог од оваа јавна здравствена установа, едното заразено бебе е од селото Црквино, а другото од село Сливник.

 

Таа појаснува дека најголем дел од бебињата и децата кои ја добиле болеста се заразиле откако претходно биле лекувани на Детската клиника и други болници во Скопје.

Од почетокот на годинава до денеска, имаат евидентирано 37 заболени од морбили –  мали сипаници, а кај уште петмина болеста не е се уште потврдена, информира д-р Трајкова.

 

Имено, со задолжителна вакцинација во земјава е започнато со една доза во 1973, а со две дози, иако законски се применува од 1987, децата во Велес и велешко биле вакцинирани уште од 1980 година, информира д-р Трајкова.

Таа потенцира дека освен бебиња, треба задолжително да се вакцинираат деца до 14 години, кои навреме не ја примиле вакцината, како и поголеми, па се до возрасни лица до 60 години.

 

– Целта на вакцинацијата е родителите навреме да го заштитат здравјето на своите деца и останатите, затоа што болеста која премина во епидемија е лесно пренослива, потенцира д-р Трајкова.

Согласно насоките на Министерството за здравство, за задолжителна вакцинација на здравствените работници, д-р Трајкова информира дека минатата седмица во ЈЗО Општа болница во Велес биле вакцинирани 59 вработени, како и двајца во Центарот за јавно здравје и еден во Болницата во Јасеново.

 

Воедно, таа најави дека деновиве ќе извршат и вакцинација на вработените во Јавната установа „Детски градинки“, а за вакцинација на наставниците во училиштата, тие се уште немале добиено одобрение од надлежното Министерство за здравство.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.