Трошоците околу матурските прослави се поголеми, а родителите се подготвени дури и да се задолжат

Во екот на сезоната на матурските прослави во Скопје владее позитивна атмосфера, бидејќи матурантите се ангажирани околу подготовките за матурската забава.

 

На матурската прослава матурантите средени и модерни, но џебовите на родителите се празни. Денес матурите се навистина гламурозни и скапи настани, за кои родителите, но и учениците воопшто не штедат пари. Од година на година настаните чинат сè повеќе, а на облеката и шминката им се посветува огромно внимание.

 

Најмногу средства се одвојуваат за изгледот на матурантите, односно кај момчињата за костум, кошула и обувки, а кај девојчињата мора да се потроши многу повеќе, бидејќи им се неопходни пари за шминка, фризура и различни модни додатоци. Цените варираат во однос на тоа каков бренд е облеката, во кој салон се прави фризурата и кој шминкер ги шминка матурантките. Некои матуранти изнајмуваат и лимузини и скапи возила за да се појават на настанот и гордо да продефилираат.

 

Секако, главниот трошок го имаат родителите на матурантите бидејќи тие не штедат при исполнувањето на желбите на децата, но секако тоа се прави и во рамките на нивните можности. За одбележување на матурската прослава за некои родители  е доволна една просечна плата, но за други тие пари се доволни само за фустан и шминка. Според родителите кои имаат матуранти најефтиното мени во хотелот чини 800 денари, 1000 денари за фотографирање и уште 1200 во дискотеката по свеченоста.

 

Околу гардеробата цените на фустаните изнесуваат од 3.000 до 20.000 денари ако се купи готов, а доколку се одлучи да се оди кај шивач, цените изнесуваат од 100 до 300 евра. Во зависност од тоа во кој козметички салон се прави шминкањето, тоа може да се движи од 700 до 1.500 денари, а исто толку треба да се издвои и за правење нокти. Чевлите исто така може да бидат скапи, но се дел од целосниот имиџ на матурантите, па, така, тие може да чинат од 2.000 денари па нагоре, до петнаесетина илјади денари. Ништо помалку не ги чини ниту момчињата, за нив е важно каков костим ќе одберат, дали ќе биде брендиран, а тој може да чини од 7.000, па нагоре, кошула, вратоврска, и други додатоци.

 

Според кажувањата на матурантите некои сакаат матурската прослава да ја поминат гламурозно и скапо а други пак сакаат да поминат поскромно, не се расфрлаат многу и сакаат летово да отидат на убав одмор. Матурската прослава со роднините и пријателите некои ја слават во кафана а други пат гостите ги пречекуваат дома. Ротителите сакаат да им овозможат се на нивните деца, па често се случува и да се задолжат, со цел се да помине во најдобар ред.

 

Во последните неколку години, поради големите трошоци за матурантите се појавија и граѓански здруженија што собираат средства за матурантите што немаат доволно пари соодветно да се подготват.

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.