All for Joomla All for Webmasters

Утре ќе се знае дали Собранието ќе расправа за оставката на Груевски

 

Дали оставката на поранешниот премиер и пратеник кој доби политички азил во Унгарија, Никола Груевски ќе биде ставена на утрешната 102. седница ќе се знае утре пред почетокот на парламентарното заседание. Ова е официјална информација од кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери.

 

По денешната координативна средба на која не присуствуваше координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, беше соопштено дека во текот на денешниот ден ќе се одржат дополнителни консултации и со опозициската партија, по што на јавноста ќе и биде соопштено дали оставката ќе биде ставена на утрешната седница или нема да биде ставена.

 

На дневен ред на 102. седница закажана за утре засега е извештајот на Комисијата за мандатно-деловнички и имуинитетни прашања која му предлага на Собранието одземање на мандатот на Груевски поради шестмесечно неоправдано отсуство.  За да се изгласа одлуката потребни се 80 гласови, односно двотретинско мнозинство.

 

Пратениците од мнозинството велат дека во случајот треба да се постапи според Деловникот и Уставот со коишто се предвидува пратеникот лично да ја достави оставката до Собранието. Во истиот контекст е и денешната изјава на портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.

 

-Никола Груевски не е никаков исклучок од сите други граѓани во нашата држава. Јас повикувам и апелирам дека Груевски има обврска да се врати во државата кадешто треба да си ја отслужи казната затвор, односно со правосилна судска пресуда сега од две години и додека има намера лично да ја врачи оставката во Собранието на Република Северна Македонија, рече Костадинов.

 

Координаторот, пак, на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски вели дека нема причина зошто да не биде констатирана оставката на Груевски кога се знае дека и во минатото имало пратеници кои не доаѓале лично на Собрание да ја образложат својата оставка. Притоа ги наведува Никола Тодоров, Стево Пендаровски, Биљали и други.

 

Мицевски вели дека до попладнево немал средба со претседателот на Собранието Џафери во врска со оставката на Груески и утрешната седница и дека нема за што да разговараат, бидејќи на пратениците се уште не им е доставена оставката за да ја видат.

 

Никола Груевски замина во Унгарија по судските процеси за што има и правосилна затворска пресуда, побара и доби политички азил во Унгарија. Ова е прв случај пратеник да побара политички азил во држава земја членка на Европската Унија и прв пратеник и притоа да поднесе оставка на функцијата за што нема правно решение или толкување во македонската легислатива.

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© 2017 MTM ТВ Дооел - Скопје. Изработка и хостинг: Делта Софт ЛТД - Гевгелија. Сите права се заштитени.