Хан се сретна Мицкоски

Актуелната политичка состојба, закочените европски интеграции и политичкиот дијалог во земјава биле теми на разговор на денешната средба на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Јоханес Хан, соопшти партиската прес-служба.

 

Мицкоски изразил загриженост поради застојот во европските интеграции и недобивањето на датум за преговори. Ја истакнал и загриженоста поради, како што посочил, отсуството на волја кај владата во справувањето со растечкиот криминал, скандалите и висока корупција која е присутна во највисоките ешалони на власта.

 

-Сериозните скандали го рушат кредибилитетот на земјава и ја подриваат правната држава загрозувајќи ја и европската иднина. Немањето волја за справување со корупцијата и сомнежите за криминал се гледа и во предлог законот на премиерот Заев за организирање на обвинителството каде наместо непристрасна борба против корупцијата се нудат решенија кои ќе бидат алатка за политички притисоци и заштита на криминалот, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Мицкоски ги пренел и забелешките на предлог законот за обвинителство посочувајќи дека ниту еден криминал не смее да остане имун на правдата и дека на тој план не се потребни компромиси.

 

Во однос на европската перспектива на земјава, Мицкоски кажал дека „граѓаните не треба да бидат казнети поради лошите политики на неодговорната власт и затоа ВМРО-ДПМНЕ смета дека е потребно да се додели датум за преговори со Европската Унија што би било и дополнителен механизам за контрола на власта“.

 

-Воедно Мицкоски истакна дека услов за нова лидерска средба и дијалог со власта за повеќе прашања е одредување на датум за предвремени парламентарни избори како начин за враќање на процесите на вистинскиот правец и обезбедување на европска иднина за Република Македонија, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакнал дека ги цени напорите и заложбите на Европската Унија за напредок на земјава и нејзиното инсистирање за реформи кои ќе бидат за добробит на нејзините граѓани.  Тој посочил дека европската иднина на државата е единствената алтернатива за вистински напредок и низ еден партнерски однос со Унијата економски и политички да се унапредува нашето општество.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.