Средба Пендаровски-Борисов: Скопје и Софија се посветени кон јакнење на добрососедските односи

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими бугарскиот премиер Бојко Борисов, со кого размени мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што е оценето дека Северна Македонија и Бугарија се посветени кон јакнење на добрососедските односи и унапредување на соработката во сите сфери од заеднички интерес.

 

Како што соопшти Кабинетот на Пендаровски, на средбата било констатирано дека заедничкото претседавање со Берлинскиот процес претставува одлична можност за понатамошно зајакнување на добрососедските односи и посилна улога на двете држави во регионалните прашања.

 

– Двајцата соговорници констатираа дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија внесе позитивна динамика во севкупните билатерални односи, а со неговото потпишување во 2017 година двете држави дадоа позитивен пример за надминување на останатите отворени прашања во регионот. Политичкиот дијалог се реализира на највисоко ниво, а постигнат е значителен напредок во соработката на двете држави во економијата, туризмот, транспортот и комуникацијата, животната средина, културата, образованието и одбраната, беше заклучено на средбата, се наведува во соопштението.

 

Претседателот Пендаровски изразил уверување за натамошна добра работа на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, како обврска произлезена од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и истовремено, повикал на воздржаност од политичките водства на двете држави, со цел да им се овозможи на историчарите успешно да ги завршат обврските во рамки на комисијата.

 

 

– Претседателот Пендаровски се заблагодари за севкупната поддршка од Република Бугарија за аспирациите на Република Северна Македонија за членство во Европската унија и во НАТО. Во тој контекст, претседателот Пендаровски го реафирмираше очекувањето дека Република Северна Македонија во октомври ќе добие датум за почеток на пристапните преговори со Европската унија. Претседателот Пендаровски посочи дека Република Северна Македонија вложи многу напори во исполнување на европските критериуми и истакна дека државата ќе продолжи со реализацијата на реформската агенда во пресрет на очекуваната одлука на Европскиот Совет за почеток на пристапните преговори, се додава во соопштението на Кабинетот на шефот на македонската држава.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.