Покрената дисциплинска постапка за професорот од Неготино кој на натпревар испратил ученик наместо неговиот син

Формирана е  дисциплинска комисија која ќе одлучува за професорот во неготинската гимназија кој натерал матурант на натпревар да решава задачи во име на синот на професорот. Ова денеска за МИА го потврди Драган Василев, директор на училиштето.

 

-Комисијата, која ќе одлучува за случајот, има тројца членови и исто толку заменици. Се работи за искусни професори со повеќегодишно искуство и над 50години. Тие ќе ја земат предвид целокупната документација која енa располагање и ќе предложат дисциплинска мерка, зависно од тоа со каква тежина ќе ја проценат случката. Ќе ги согледаат сите факти. Ќе земат изјави од професорот, учениците, родителите на матурантот. Ќе го имаат предвид и записникот од инспекторот, појасни директорот.

 

Тој нагласи дека за другите работи надвор од училиштето каде професорите немаат увид и не може да утврдуваат, ќе одлучува полицијата.

 

А инспекторатот ќе одлучува во рамките на своите надлежности.

 

Професорот за кој е покрената дисциплинска постапка, натерал матурант да оди на натпревар наместо неговиот  син и ветил трето место, за подоцна успехот да се припише на синот. Вака за МИА го објаснуваат скандалот во неготинската гимназија, вработените од гимназијата со кои разговаравме. Велат дека ова било кажано на состанок на Наставнички совет.

 

-Имено  на Државниот натпревар нашиот ученик, син на професор колега, има освоено трето место, за кое уредно од домаќините на натпреварот бевме информирани. Но, ученикот во тој период беше на научно рекреативната екскурзија за учениците од трета година во Италија, па се заинтересиравме кој всушност бил на натпревар. Дознавме дека неговиот родител, наш колега, според нашите сознанија, убедил ученик  од четврта година, доколку дојде на натпревар во Битола, има загарантирано трето место, без да го информира за каков натпревар станува збор, велат од гимназијата.

 

Кога целиот настан бил откриен, родителите на матурантот поднеле изјава во полиција, како и самиот тој.

 

-Но од тој момент, според нашите сознанија,  започнува нивната невидена голгота преку најразлични јавувања, уцени,мобинзи од голем број на луѓе,по секоја цена да се повлечат изјавите, па дури и по други линии . Oваа личност и минатата година го вовлече нашиот центар во јавноста во немил настан заради заборавените ученици на ланската екскурзија , која самата ги оставила , покрај тоа преку разни уцени и инсинуации ги вовлекува учениците и родителите во најразлични непрофесионални и неморални активности како клевета, уцена и закана, невиден притисок до тој степен децата да се плашат и доживуваат трауми дома од нивна осветољубивост преку оценките. Имаме многу аргументи, документирано е, поткрепено со листинг на јавувања од мобилен до учениците и родителите, со закани и невиден притисок. Токму заради тоа сакаме само да ја работиме својата професија без никакви манипулации, мобинзи и клевети , како и нашите ученици и нивните родители, нагласија вработените со кои разговараше МИА.

 

Дека професор од Неготино наместо своето дете од трета година кое било на екскурзија, на државен натпревар однел дете од четврта кое решавало во име на синот на професорот, МИА прва информираше уште во петокот . Реагирале родителите на матурантот, а за случајот бил известен и просветен инспектор и полиција. Дека има случај за кој биле запознати Државниот инспекторат за образование и полицијата, за МИА уште тогаш потврдија од Инспекторатот.

 

-Во однос на Вашето  прашање за одвивање на натпревар од електор струка на кој учестувале ученици и наставник од СОУ ,,Св. Кирил и Методиј ” – Неготино, Ве известуваме дека Државниот просветен инспекторат има постапувано по истиот по реакција на група родители, во текот на месец јули  2019  година. Од Државниот просветен инспекторат констатирани се повреди кои ги сторил наставник, менторот на учениците, издаден е прекршочен платен налог за наставникот согласно Законот за средно образование, кои се однесуваат на психичко малтретирање на ученик и истиот е реализиран, рекоа тогаш од Инспекторатот.

 

Случајот го истражуваат МВР и Државниот просветен инспекторат .





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.