Се креираат стратешки документи за регионалниот развој за следните десет години

Министерството за локална самоуправа во моментов е во период на оценка и креирање на стратешките документи за регионалниот развој на државата за следниот десетгодишен период. Во таа насока креирањето индекс на развиеност на општините може да биде само додадена вредност во тој обемен процес. Ова денеска го изјави министерот за локална самоуправа Горан Милевски пред почетокот на работилницата за креирање индекс на развиеност на општините, организирана во рамки на проектот „Градење капацитети во општините за имплементација на проекти“.

 

Тој најави дека планираат со УНДП да направат алатки преку кои ќе може транспарентно да се види како работат општините.

 

– Да направиме нови индекси кои ќе можат да бидат насоки и да ги рангираме општините по транспарентност, по начин на трошење на пари, капитални инвестиции, функционалноста во трошењето на парите, за кои проекти, и врз основа на тоа да правиме рејтинг листа на која јасно ќе се види која е најтранспарента општина, најдобра општина, рече Милевски. Изрази надеж дека тоа ќе ги натера општините за поодговорно работење.

 

Прашан за трошењето пари од државниот буџет кон локалните буџети, изјави дека заедно со Кабинетот на потпретседателот и со Швајцарците се прави софтверско решение каде точно ќе се знае кои министерства каде ги финансираат своите пари. Односно да се види дали државата финансира еден отсто за рамномерен развој или повеќе.

 

– Се случува, бидејќи имаме различни министерства, една општина да добие пари од сите програми, а некоја општина да биде изоставена затоа што ние помеѓу нас немаме координација. На пр. ние делиме средства за рурален развој, но и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку Платежната агенција доделува средства за рурален развој. И тие несовпаѓања треба да се надминат и затоа го изработуваме новиот закон за рамномерен регионален развој со поддршка на Швајцарците. Измени правиме на постојниот закон и ја правиме новата десетгодишната стратегија за рамномномерен регионален развој, рече Милевски.

 

Оваа стратегија и овој закон не дадоа резултати во ублажување на разликите напротив, како што рече, дури некои разлики се зголемени меѓу општините. Со активности како делегирање одговорности на локално ниво, фискална децентрализација и реорганизација на самата општина ќе се обидат тоа да го средат.

 

Милевски најави дека ќе се залага да има отворени листи за избор на советници, да се зголеми квалитетот на Советите и внатрешната реорганизација. – Секој градаоначалник сака да стави свои луѓе, администрацијата се дуе како балон. Тоа е невозможно повеќе да се издржи и затоа сметаме дека градоначалникот за успешно да работи мора да влезе внатре со тим на луѓе кои ќе имаат мандат додека трае неговиот, рече Милевски.

 

Тој информира дека најголем проблем за општините се средствата. Потсети дека годинава Владата 100 отсто ги зголеми средствата за инвестирање во регионален и рурален развој што одат преку Министерството за локална самоуправа. Смета дека секоја општина нема кадровски потенцијал да изработи добри проекти и да аплицира. Според него, тоа ќе се надмине со засилување на капацитетот на Министерството за локална самоуправа, но и на планските региони.

 

Постојана претставничка на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) во нашата држава Нарине Сахакиан изјави дека она што недостига во општините се веродостојни податоци врз основа на кои ќе се носат одлуки за крупни инфраструктурни проекти. Недостигаат капацитети во рамки на општините затоа што има мали општини со неколку вработени, кои немаат капацитет на одговорат на предизвикот. Третиот проблем таа го гледа во невклученоста на граѓаните во процесот на одлучување за инфраструктирните проекти. Во последно време, како што рече, работата се менува на подобро, но потребно е да се направи уште многу за да се постигне еден таков степен на развиеност.

 

 

Проектот „Градење на капацитетите на општините за имплементација на проекти“ кој Министерството за локална самоуправа го спроведува заедно со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), е финансиран од Шведската агенција за меѓународна соработка за развој (СИДА).





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.