Тупараинен: Поддржуваме старт на преговорите во октомври, „Рекет“ е тест за правната држава

Финска како актуелен претседавач со ЕУ дава поддршка за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и очекуваме тоа да се случи во октомври, изјави денеска финската министерка за надворешни работи Тути Тупураинен на заедничката прес-конференција во Хелсинки со вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи.

 

– Оптимисти сме дека ако биде исполнета агендата, во октомври ќе биде донесена одлука за старт на преговорите. Сметаме дека нема причина за натамошно одложување, рече Тупураинен.

 

Прашана дали актуелниот случај „Рекет“ може да влијае на одлуката, таа одговори дека не би требало, но оти постапувањето по него е тест за државата.

 

– Овој случај е тест за правната држава и владеењето на правото во Северна Македонија. Последниот извештај на ЕК покажа дека има прогрес во оваа област и тоа сега треба да се покаже на дело. Очекуваме објективна истрага и никој да не биде ставен над законот, порача Тупараинен

 

Вицепремиерот Османи, од своја стран, истакна дека земјата е посветена на интеграцијата во ЕУ и НАТО и оти никаков предизвик тоа нема да го смени.

 

Тој искажа благодарност на Финска за поддршката за интеграцијата во ЕУ и за отворање на преговорите за членство во октомври годинава.

 

Османи потенцира и дека одлагањето на доделувањето датумот за почеток на преговорите за членство на земјава во ЕУ во јуни, беше поради технички причини и нагласи дека очекува во октомври Европскиот совет да донесе решение за старт на преговорите.

 

Според него, добивањето на датум за време на сегашното финско претседавање со ЕУ би имало и симболика, имајќи предвид дека првата препорака за почеток на преговорите за членство на земјава во Унијата, Европската комисија ја даде за време на претходното претседавање на Финска со Унијата.

 

Османи нагласи дека и покрај последниот извештај на Европската комисија, кој го оцени како најповолен досега, Северна Македонија не смее да дозволи ни најмали причини, кои на некоја членка на ЕУ би и биле повод за барање на одлагање на доделувањето датум. Затоа, потенцира Османи, работиме со сите земји членки на ЕУ за да избегнеме таквата можност.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.