Швајцарска поддршка за одржливо производство на ориз во Кочанско

Со поддршка од владата на Швајцарија во кочанскиот регион се реализира проект за одржливо производство на ориз, како компонента на Програмата за зачувување на природата во сливот на реката Брегалница.

 

На оризовите површини, што се во сопственост на триесетина земјоделци, се вршат анализи и испитувања за примена на напредни агротехнички мерки со кои ќе се заштити биодиверзитетот во регионот. Притоа, се користат помали количини вештачки ѓубрива, намалена е употребата на хемиски препарати за заштита на оризот, а се користи и помалку семенски материјал од просечното за да се добијат исти количини арпа како со стандардните начини на производство.

 

– Во примената на новите мерки во оризопроизводството имаме одлична соработка со Светскиот институт за ориз (ИСИ) од Филипините, при што нивен претставник нè посетува, координира и ги пренесува сознанијата и искуствата од земјите во кои оризот е доминантна земјоделска култура. Со проектот изработивме практичен прирачник за производство на ориз и сите членови на нашето здружение „Оризова братимка“, кои се вклучени во проектот, ги применуваат и строго се држат кон мерките што се наведени во него, за што водат и посебна писмена евиденција. Крајна цел е да добиеме органски производ што сами ќе го пакуваме во еколошка биоразградлива амбалажа и ќе го пласираме, со што оризот во нашиот регион конечно ќе има додадена вредност, а земјоделците ќе добијат вистинска сатисфакција за својот труд, истакна Јорданчо Лефков, координатор на проектот за одржливо производство на ориз.

 

Покрај намалувањето на присуството хемиските препарати во производството на таканаречен биосмарт ориз, една од целите на проектот е да се намали количината на вода за време на вегетацијата, што исто така има влијание врз зачувувањето на природните ресурси во брегалничкиот регион.

 

Во активностите е вклучен и Факултетот за земјоделски науки од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, а проектните активности треба да се реализираат до идната година со можност за продолжување на поддршката за уште три години.

 

Проектот за одржливо производство на ориз се реализира со финансиска поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), а во координација од „Фармахем“.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.