„Ладен ланец“ за повисок квалитет на млечните производи

Ладниот ланец“ на дистрибуција е од големо значење за да се обезбеди висок квалитет на млечните производи, порача денеска на прес-конференција претседателот на Групацијата за производство, откуп и преработка на млеко при Стопанската комора ,Ѓорѓи Петрушев.

 

Тој појасни дека „ладен ланец“ е потребата млекото на својот пат од фармата до крајниот потрошувач како производ постојано да биде чувано на одреден ладен режим од 2 до 8 Целзиусови степени за да може да го сочува својот квалитет се до моментот на консумацијата.

 

– Прекинувањето на „ладниот ланец“, каде било во синџирот на снабдување, го скратува рокот на траење на производот, ги нарушува оние својства на производите што ние сме се потрудиле да ги постигнеме во текот на производството и на тој начин губат сите учесници во оваа економска дејност, и млекопроизводителите и трговците и крајните потрошувачи, посочи Петрушев.

 

За таа цел, информира Петрушев, ќе се спроведе едукативна, промотивна кампања што ќе биде наменета за сите заинтересирани страни, особено во делот на малопродажбата и крајните потрошувачи, за тоа кои се последиците од прекинот на овој ладен режим при снабдувањето со производите, во смисла на кратење на рокот на траење и намалување на квалитетот.

 

 

Како што посочи Илија Георгиев од Агенција за храна и ветеринарство, Агенцијата е во завршна фаза на проектот за категоризација на молзните крави, на одгледувалиштата и целта е да се види фактичката состојба, колкав процент имаме на такви одгледувалишта кои ги исполнуваат првата и втората категорија на квалитет на млеко. Тој нагласи дека потрошувачите во нашата држава консумираат безбедно и квалитетно млеко и производи од млеко.

 

Стефан Момиќ од Организацијата на потрошувачи вели дека минатата година бројот на поплаки насочени на храна во целина и млечни производи е сведен на минимум, а како најчест проблем се јавува пријавување на производ со поминат рок.

 

Прашан каква е состојбата на фармите и дали имаме доволно млеко и стока, Петрушев посочи дека трендот е таков што во тој сектор доаѓа до консолидација.

 

– Голем дел на мали семејни фарми се со од три до пет грла добиток, и се дополнителна дејност или приход во семејството. Бројот на такви фарми се намалува затоа што со својата ниска продуктивност или со квалитетот не можат да ја издржат конкуренцијата на пазарот. Се зголемува производството на млеко во големи фарми, а за среќа расте и бројот на фарми кои го надоместуваат тој дефицит. На долг рок очекуваме дека таквата консолидација ќе ни донесе и зголемен квалитет, додаде тој.

 

Во идеален случај, посочи Петрушев, би сакале малите фармери да прераснат во средни фармери. Тоа, како што рече, да не биде само дополнителна, туку и основна дејност со примена на најсовремени мерки да се постигне квалитет со кој ќе може потоа да конкурираме во регионот и пошироко.

 

Како што беше посочено на прес-конференцијата, во споредба со 2006 година, изминатата година се забележува намалување од пет посто во делот кај говедата, додека многу подрастично е намалувањето на бројот во делот на овчарството. Во споредба со 2006 кога имало 1.300.000 овци во државата, сега нема ни 700.000 овци, што е подрастично намалување. Во делот на откупот на млеко бележиме негативни трендови, додека во 2006 имаме околу 166 милиони литри производство на млеко, во 2018 година е едвај 106 милиони литри или намалување од 37 проценти.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.