Манчевски: НАТО и ЕУ го препознаваат спротивставувањето на хибридните закани

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, учествува на втората „Тркалезна маса за лидери на високи позиции, посветена на хибридните закани поврзани со информациите“, финансирана од програмата „Наука за мир и безбедност“ и коспонзорирана од Министерството за одбрана на САД.

 

Во наредните неколку дена во Охрид, учесниците, меѓу кои истакнати академици, правни експерти и практичари од високо ниво, ќе имаат можност да дискутираат на теми поврзани со заканите што влијаат врз политичките, територијалните и економските аспекти на една земја, преку разните информации, дезинформации, неинформирањето и медиумите, традиционалните или социјалните.

 

Главен предавач на настанот е Марк Лајти, директор на Секторот за комуникации при Врховниот штаб на НАТО, сојузничките сили во Европа (SHAPE).

 

„Од 2016 година наваму НАТО и Европската Унија го препознаваат спротивставувањето на хибридните закани како приоритет за соработка и за нас како Влада претставува потврда за нашите заложби, што веќе сме дел од оваа мрежа за соработка. Хибридните закани се разновидни и постојано се менуваат, а за справување со нив неопходна е соработка и координација меѓу многу државни институции. Во моментот сме во фаза на дефинирање критичка инфраструктура и организирање нејзина одбрана. Нашите тимови неуморно работат со поддршка на нивните колеги од меѓународната заедница", истакна министерот Дамјан Манчевски.

 

Посочувајќи го примерот на Финска, која отпорноста против таканаречените хибридни закани ја претвори во национален концепт, министерот Манчевски ги посочи активностите на Владата на Северна Македонија во насока на подобрување на комуникацијата и транспарентноста, што ќе доведе до побивање на лажните информации.

 

„Владата веќе изработи комуникациска стратегија и стратегија за отворени податоци, во завршна фаза е и стратегијата за транспарентност, а активно работиме и на планот за борба со дезинформациите и лажните вести. Во однос на јакнење на капацитетите за сајбер-безбедност, првпат изработивме стратегија и скциски план за сајбер-безбедност. Исто така, неопходно е континуирано да се развиваме и да поддржиме квалитетно и независно новинарство во каква било нова форма во која тоа ќе еволуира. Сепак, професионалното новинарство е во нераскинлива врска со функционирањето на демократијата“, истакна министерот Манчевски.

 

На тркалезната маса ќе земат учество лидери на високи позиции од над 20 држави од Европа, од Соединетите Американски Држави и од НАТО.

 

Тркалезната маса е во организација на Универзитетот „Џорџ Мејсон“ од САД, Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ - Скопје и Факултетот за криминалистика, криминологија и безбедносни студии од Сараево.

 

Настанот се одржува во октомври како месец посветен на борбата со сајбер-криминалот и за јакнење на капацитетите на државите за сајбер-безбедност.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.