Стаменковска: Министерството за администрација троши милион евра за софтвер што не го користи

Според извештајот на Државната ревизија, Министерството за информатичко општество и администрација троши милиони евра за софтвер што воопшто не го користи, изјави Невенка Стаменковска-Стојкоски, пратеник од пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ .

 

„МИОА воопшто не го користи софтверот за управување со човечки ресурси, набавен уште во 2014 година, во кој треба да се внесат сите вработени во јавниот сектор во Република Македонија. Иако лани за него се потрошени 343 илјади евра, а годинава се планира да се потрошат уште 813 илјади евра, Заев и Манчевски одлучуваат дека не им треба и воопшто не го користат“, рече Стаменковска.

 

Опозицијата обвини дека во предизборието СДСМ ветил дека ќе дава месечни извештаи за бројот на вработени административци, но последната официјална информација којашто е објавена на страната на МИОА е од декември 2017 година.

 

„Поради неажурноста и неработата на власта во системот лани се преброени само 78.320 административци, а според информациите на МИОА во јавниот сектор лани склучиле работен однос дури 132.068 лица. Како по правило, на Заев и на неговите послушници секогаш некој друг им е виновен. Овој пат сакаат да ги наместат обичните административци. Во ревизорскиот извештај стои дека причината за невнесувањето на податоците е поради неажурноста од страна на вработените во институциите“, додаде Стаменковска.

 

ВМРО-ДПМНЕ упати до Манчевски и неколку прашања, меѓу кои дали невнесувањето на податоци во системот е со цел да се сокрие вистинската бројка на административци која во изминатиов период значително се зголемила.

 

„Дали СДСМ ги крие партиските вработувања, кои пред избори засилено се спроведуваат и со кои се полни јавната администрација со партиски војници!? Дали за овој пропуст и неажурност од страна на институциите со кои раководат кадрите на СДСМ, Манчевски ќе понесе одговорност?“, прашува опозицијата.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.