Истражување: Министерството за здравство потрошило 39 милиони евра за јавни набавки
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 11 Ноември 2019
Министерствата, владините секретаријати и Собранието просечно исполнуваат 55,2 % (од максимално можни 100 %) од критериумите за транспарентност, отчетност и интегритет во целиот циклус на јавните набавки.
Ова е мало подобрување во однос на претходните години (во 2017 година изнесуваше 53,6 %, а во 2016 година 51,7 %). Најмногу институции се рангирани во ’ограниченото‘ ниво на транспарентност, отчетност и интегритет во јавните набавки, со исполнување на критериумите меѓу 40 % и 60 % (од можни 100 %). На врвот се Министерствата за економија и за одбрана, а на дното Министерствата за здравство и за образование и наука. Анализираните институции заедно потрошиле 124 милиони евра за јавни набавки во 2018 година. Поединечно, најмногу пари за јавни набавки потрошила институцијата која е најслабо рангирана, Министерството за здравство (39 милиони евра), додека, пак, Министерство за економија, како прворангирана, е во групата на институции со помал обем на јавни набавки (334.000 евра).
Ова е наведено во најновото рангирање направено од страна на Центарот за граѓански комуникации на 21 институција според транспарентноста, отчетноста и интегритетот во јавните набавки. Ова е трето по ред годишно истражување на начинот на којшто институциите ги спроведуваат тендерите, во рамките на ЕУ проектот: Мрежа за транспарентност, отчетност и интегритет во јавните набавки.
Во извештајот се наведува дека институциите со минимално ниво на транспарентност, отчетност и интегритет во 2018 година потрошиле 31 % од парите, наспроти 2016 година, кога тој удел изнесувал дури 75 % од вредноста на тендерите на Владата и на Собранието.
86 % од институциите го објавуваат годишниот план за јавни набавки на своите веб-страници, само половина ги објавуваат огласите за јавните набавки, а само две ги објавуваат известувањата за склучените договори. Плановите за јавни набавки просечно се реализираат 65 %. Најниската реализација на една институција изнесува 32 %, а највисоката 92 %.
Само четири институции просечно добивале повеќе понуди по тендер отколку националниот просек.Во дури 68 % од набавките, институциите определиле т.н. разумни рокови за поднесување понуди, односно подолги од законски минималните. Пораснала концентрацијата на фирмите на тендерите. Кај дури пет институции, уделот на еден носител на набавка во вкупната вредност на тендерите е повисок од 40 %, што се смета како праг за концентрација.
Процентот на тендерски документации со дискриминаторски елементи кои можат да ја ограничат конкуренцијата е намален од 29 % во претходните две години на 18 % во 2018 година. Секој трет тендер на анализираните институции бил поништен. За разлика од ланските 25 %, за 2018 година процентот на поништени тендери изнесува 30,3 %. Поединечно, процентите се движат меѓу 10 % и 73 %.
Намалено е користењето на постапката со преговарање без објавување оглас.Голем е уделот на анекс-договорите кај анализираните институции и во однос на националниот просек и во однос на ланската состојба. Зголемен е просечниот удел на доставени жалби од фирмите во вкупниот број огласи кај анализираните институции. Овој удел изнесува 5,7 %, што е повисоко од националниот просек за 2018 година од 3,3 % и од ланските 4,6 %.
Се влошува одговарањето на институциите на доставените барања за слободен пристап до информации од јавен карактер. Лани одговориле просечно за 38 дена, годинава за 42, иако максималниот законски рок е 30 дена.Малку институции имаат интерни правила за јавните набавки, особено за оние аспекти кои не се прецизно регулирани со законот, се додава во извештајот.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс