Мицкоски: Идните функционери ќе мора да се откажат од луксузирања, доста е

„Еден новинар ме праша што очекувате од младите на овие избори... Јас му одговорив дека очекувам тие, сите вие во оваа преполна сала да бидете свои единствени, да бидете она што сте и да се борите за она што сакате да бидете.

Да рушите бариери, да надминувате стереотипи, да бидете промената, да бидете обновата која ќе ја донесеме. Младите се за обнова не затоа што тоа е фраза, туку тоа е насушна потреба. Унијата на Млади сили на ВМРО-ДПМНЕ ја има слободата, а секој од вас го има мојот збор дека ќе ви бидам најголемиот поддржувач за вашите идеи и вашите цели.

Затоа што Македонија одамна го нема тој луксуз да загуби уште една генерација која ќе се исели. Повеќето села одамна се празни, а сега градовите се празнат, а генерациите си заминуваат. Иселувањето не е како калемење на растение, туку тоа е како да го откорнете од родната грутка и го пресадите таму некаде далеку, на друга почва и во други услови. Колку и да боли, колку и да пече, ова е реалноста во Македонија“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по повод 28. годишна Конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ одржана во Македонска Филхармонија.

Според Мицкоски, секој почеток има и свој крај, а крајот на сето ова е близу и тој се вика 12 април. „Младите се за обнова, како што знам дека 12 април е денот кога завршува една неславна ера на политичари кои го лажат и манипулираат народот. Тоа е нивниот крај, а почетокот е со доаѓањето на обновата“, рече тој.

„И ако есента е период кога денот се намалува, ако е сигурно по ноќта дека доаѓа утрото, исто така сигурно е дека Зоран Заев кога ќе дојде периодот на избори, не ја говори вистината. За тоа нема мака и преку цела година, но ова се засилува само пред избори.

И ако се сеќавате неколку пати отворено предупредувам дека изборите се време кога Заев кажувањето на невистини го има вклучено на најјако. Па кога не разговара со некои пранкери, ќе се истури со ветувања за повисоки плати, пензии, синдикални договори, ветувања за професори, наставници, доктори или што уште нема да му текне, само бесмртност нема ветено. До душа чистиот воздух го заборави, зошто секој изминат ден го демантира, но нема проблем да продолжи да ветува други работи, и така ветувања без суштина, препакувани лаги ќе се изнаслушаме во периодот кој следи. Но, на ваквите итроштини и предизборни лаги никој веќе не наседнува. Тоа е минато“, рече Мицкоски.

Според него, власта не може да купи чест, достоинство и доверба со некој денар задоцнето и премало покачување.

„Македонецот не се продава за шака денари кои сакаат овие да му дадат, а кои природно му следуваат и не плука врз предците, кон оние кои со живот го платија она што ние денеска го живеме.Треба да се биде реален и да се каже дека имаме реални порази како држава и премиер кој не се срами да носи порази. Погледнете ги само овие во последниве неколку месеци. Му ја зема Ципрас машната и како отсечен скалп се фалеше со нејзе, а пред некој ден Мицотакис го викна за да му каже дека промовира светски бренд дека Македонија е грчка. Среде Скопје во „Охис“ им се случи Чернобил и не реагираат, а згора на се пробаа и да го сокријат. Наместо правда, гледаме секојдневно оној поранешен пратеник кој бараше полче, наместо да одговара пред законот секојдневно шета по телевизии и е главна ѕвезда. Испраќа порака дека никој ништо не му може. Исто како и Ременски која наместо да биде повикана за „Рекет“, гледаме пресметка на параполициски структури во СДСМ, кои место за правда се борат за себе си и да ги заштитат своите матни зделки. Но, проблемот е што судството е урнисано. Кога така говорат за нивното надградено „сваровски судство“ во „Луј Витон правосудство“ ќе помислите овие луѓе не се три години на власт, туку само што дошле. Па демек министерката Дескоска била револтирана за застарените предмети во судството, ама кога ќе им треба истото тоа судство да испорача некоја одлука под маса, тогаш власта и Зоран Заев се најзадоволни. Нивната тактика е тие да удираат по судиите, а овие да молчат, бидејќи сакаат да го амортизираат незадоволството од неспособноста и подземните игри кои ги прават. Ама не може да се амнестираат од фактот дека не донесоа правда“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и додаде:

„Но ако се побуните за своите права, тогаш ќе извадат од под маса закон за забрана за протестирање, замислете овие чија што уста е полна со европски вредности сакаат на шверцерски начин во Собранието да протнат закон за забрана за протестирање. Тоа не е затоа што сакаат да направат ред, туку затоа што деспотот се плаши од својот народ. А се плаши затоа што човекот прави грешки до грешки, неправди до неправди. И кога така сакаат да забранат да се собира народот, не престануваат и да прават притисок во медиумите. И кога ќе речат биле за слобода на медиумите, тука фактите ги демантираат. Клучот на според нивните зборови провладината 1 ТВ, на Независен весник, Нова ТВ, Вест, Утрински, Дневник кажува дека медиумите умираат. Исто како што се стега и независноста затоа што во еден од кабинетите на Илинденска се штанцаат и лажните вести за мене, против моите соработници, за ВМРО-ДПМНЕ. Се тепаат новинари, им се закануваат, а на тоа владата молчи, а ги нема и оние советници на Зоран Заев кои се прават заштитници на слободата.

Но секоја лага им се распрснува, како онаа хајка која што ја правеа за мојот имот кој го стекнав пред да влезам во високата политика. Но, сега откако и нивната Државната комисија за спречување на корупција кажа дека се е чисто, ги нема да кажат некој збор за тоа, молчат. Но факт е дека не сме сите исти. И колку тоа да сака да го престави така власта, треба да знаат дека честа и образот за мене немаат цена. Дури и во едни вакви услови, на апсолутна власт на СДСМ, со се што видовме овие три години, притисоци, монтажи, рекети, успеаја да конструираат случај против мене, но за нивна жал неуспешно.Очекувам најмалку барем да се извинат за клеветите кои ги изрекоа против мене и моето семејство, но поважно е да сфатат дека не сме сите исти, и дека во политиката може да има и чесност, принципи и чест“, додаде тој.

Мицкоски вели дека верува во принципи и вредности и во една поинаква слика за политичарот од онаа каква сме навикнале да ја гледаме овие 28 години.

„Не смееме да го разочараме народот, ниту на функциите да гледаме како некое наследено право. Функцијата пред да биде привилегија, е одговорност. Одговорност кон народот и кон Македонија. Моето најголемо настојување ќе биде да има апсолутна правда и секоја неправда која ќе биде докажана, секоја злоупотреба која ќе биде направена да биде жестоко казнета, без оглед кој е од каде доаѓа и колку е близок со мене.

Принципите за кои говорам нема да бидат слово на хартија или напразно кажан збор, туку морален кодекс кој мора да го знае и применува секој кој ќе ја има одговорноста да му служи на народот. Овој морален кодекс, е за да не дојде до грешки, за да ја смениме сликата за политиката во Македонија.

Прво, Нема да има предолго останување на функција, затоа што секоја таква појава, колку и таа успешно да се обавува, предизвикува рутинизирање и чувство на самодоволност, и арогантност која доведува до одлепување од народот. Второ, ако има некој функционер кој сака да обавува и функција да биде истовремено бизнисмен, нека заборави на тоа. Не може тоа така. Овој народ мора да има луѓе на позиции кои треба да им одговорат на барањата на граѓаните, а не на личните бизнис интереси.

Трето, мора да излезе на површина квалитетот на луѓето и нивните способности. Четврто, администрацијата мора да се ослободи од стегите во кои сега работи. Петто, мора да бидеме достапна Влада за народот. Шесто, ќе имаме посебно внимание и почит кон верските заедници и религиозни групи согласно нашата идеолошка определба. Но исто така ќе ги почитуваме и маргинализираните групи и сојузи нудејќи општество без предрасуди и без стереотипи.

Седмо - економија, раст и развој. Образование кое е квалитетно, и модерно. Шанса за младите и посебна стратегија за борба против иселувањето. Ќе понудиме решенија како дел од план со кои мора да се спротивставиме на егзодусот со иселувањето. Да ги задржиме луѓето кои тука ќе градат иднина. Да обезбедиме правда без исклучок. Здравство со стандарди и квалитет. Земјоделие кое ќе нуди можности за земјоделците, култура со почит кон традицијата и модерното, и без влијание на политиката. Ова се основите кои ќе ги следиме во идната програма. И ќе се трудиме да оствариме што е можно повеќе, и ако нема реализација на ветеното, тогаш казната од народот ќе дојде. Нема да има мешање на политиката каде не и е местото“, порача Мицкоски.

Спред него, идните функционери ќе мора да се откажат од луксузирањата. Доста е од луксузирање 28 години, на политичарите. Нема да има трошоци за непродуктивни работи, и за личен комодитет. Не може народот да е на сол и леб, а функционерите да се луксузираат. Не оди тоа тоа. Треба да се стави крај на таквиот морален хазард, јас ќе бидам прв меѓу еднаквите.

„Имаме јасни стратешки партнерства со ЕУ, САД и НАТО алијансата. Ќе работиме за ЕУ, ќе работиме за стандарди, и принципи, да си ги признаеме слабостите за да можеме да одиме напред. А ниските страсти во политиката ќе ги оставиме на страна. И колку и да сакаат луѓето од сегашната власт да не наречат екстремни националисти, знаат дека ние сме луѓе родољуби и патриоти кои си ја сакаат земјата и ги бранат заедничките интереси. И кога говорам за македонизмот, говорам дека тој е основата на нашето општество на која треба да се развиваме, ниту антиквазицијата, ниту онаа насилна севернизација, која што ни се турка во последно време, туку Македонизам како космполитска идеја која треба сите нас да не врзува и да не обединува.Нема да бараме поддршка базирана на трговија со гласови, туку поддршка базирана врз програма и цели. Јас немам хипотеки кон никого во политиката, и јас и сите ние единствено можеме да обратиме кон оние кои не поддржуваат со работа и со принципиелен однос. Ова е моралниот кодекс составен од принципи и вредности, а следува и програма. А промените кон подобро ќе се почувствуваат во првите 100 дена од мандатот на новата влада“, истана Мицкоски.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.