ЕСМ и РЕК Битола засадија 50.000 багремови садници во околината на комбинатот

АД ЕСМ и РЕК Битола денес ја започнаа овогодинешната есенска акција за засадување на нови 50.000 багремови садници во околината на комбинатот. Почетокот на акцијата го означи генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.

 

“АД ЕСМ и РЕК Битола ќе засадат нови 50.000 багремови садници во рамките на овогодинешната акција за рекултивација на земјиштето на комбинатот. Набавката е во вредност од 400.000 денари. Заедно со 50-те илјади садници што ги посадивме минатата есен и пролетва, ќе стигнеме до бројка од 100.000 нови садници за две години. Тоа е 1/3 од вкупниот број на садници кои се посадени во и околу РЕК од почетокот на неговото работење. Податок кој доволно зборува за сериозноста со која ова раководство пристапи кон заштитата на животната средина. Колку за информација, во изминатите седум години, односно од 2013 година до лани, биле засадени само 20.000 садници во 2014 година. Заштитата на животната средина е наша обврска. Немаме никаква дилема дека како одговорна компанија мора да направиме сè за РЕК Битола од црна, да стане зелена точка на еколошката карта на земјава” – рече генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски на почетокот на акцијата за пошумување.

 

Во денешната акција учество зеде и директорот на РЕК Битола, Златко Ќурчиевски, како и вработени во комбинатот.

 

“За време на акцијата ќе се пошумува во околината на одлагалиштето на пепел со што дополнително ќе се намали запрашувањето на околните населени места. Ќе пошумуваме и околу селата Агларци и Логоварди за конечно да почнеме да ги исцртуваме контурите на долгоспоменуваниот зелен појас околу РЕК Битола. Годинава особено ми е мило што во акцијата освен вработените од РЕК Битола ќе се вклучи и Здружението на волонтери Пелистер од Битола. Дел од членовите се и денес тука со нас, а во уште поголем број ќе ги има на 5 декември - Светскиот дел на волонтерството. РЕК Битола и ова раководство на комбинатот е подготвено да се справи со предизвиците што претстојат и да обезбеди почиста животна средина. На тој пат, сечија помош е добредојдена”, порача директорот на РЕК Битола, Златко Ќурчиевски.

 

Во акцијата за пошумување околу РЕК Битола, учество зедоа и градоначалници на општините што се наоѓаат во непосредна близина на комбинатот.

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.