Османи: Венецијанската комисија не вели да се отфрли двојазичноста во судството, туку да се создадат капацитети

Секој обид за еднострано поместување на балансот во македонско-албанските односи кој е постигнат со многу труд, со многу жртва од двете страни за денес да зборуваме за функционална мултиетничка демократска држава, комплетно ќе нѐ помести од патот на кој сме тргнале, истакна вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи на денешната прес-конференција на која зборуваше за заклучоците на Венецијанската комисија поврзани со Законот за употреба на јазиците.

 

„Венецијанската комисија вели дека има потешкотии во судството поради немање капацитети, но вели – да, можете да употребите двојазичност во банкнотите. И не можете Вие да отворите дебата за судството, а да не отворите дебата за банкнотите. Венецијанската комисија не вели да се отфрли двојазичноста во судството. Вели можеби во моментов нема капацитети, па Владата, односно државата да размисли дали можеби привремено да го одложи имплементирањето додека не се создадат капацитети“, рече вицепремиерот.

 

Османи пред новинарите нагласи дека секој обид кон најсензитивното прашање да се пристапи еднонасочно, буквално ја урива оската на која се држи балансот на македонско-албанските односи во државата.

 

„Мислам на ситуации македонските уставни судии да ги надгласуваат албанските уставни судии, дали Министерството за правда без согласност од целата Влада, дали Собранието без согласност и на претставниците на етничките заедници, дали кој било друг во државата ако се обиде на ваков начин да пристапи кон ова чувствително прашање“, кажа вицепремиерот и подвлече дека Охридскиот рамковен договор предвидува за клучни прашања да има согласност на сите етнички заедници, пред се, како што кажа, на двете етнички заедници.

 

Колку што ни е важен јазикот, толку ни е важна и правната држава, порача Османи коментирајќи ги одлуките на Венецијанската комисија.

 

„Го споделуваме ставот дека не смее ниту еден предмет да биде жртва на неизградени капацитети. Фокусот треба да ни биде во забрзана изградба на капацитети и во судството, и во администарцијата, притоа да најдеме начин како ниту еден предмет, од кој и да е тип, да не биде жртва на неизградени капацитети во судството. По однос на банкнотите ќе треба повторно да седнеме инклузивно и да видиме како да се спроведе овој заклучок на Венецијанската комисија“, рече вицепремиерот.

 

Прашан дали се заканува и како од позиција на вицепремиер кажува каква одлука треба да донесе Уставен суд, Османи се повика на интервју на претседателот Стево Пендаровски дека нема ниту еден закон, кој му забранува да коментира одлука на суд.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.