Во земјава има 536 пожарникари помалку од законски пропишаното
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 17 Февруари 2020
На 30-те територијални противпожарни единици во земјава им недостигаат 536 пожарникари, за да имаат барем толку вработени колку што е законски пропишаниот минимум. Само четири од 30 единици имаат повеќе пожарникари од законскиот минимум (и тоа само по еден или двајца), додека шест единици имаат колку минимумот, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
„Најмногу пожарникари, повеќе од 200, му недостигаат на Скопје. Следуваат Тетово, каде недостигаат 65 пожарникари и Гостивар со 52 пожарникари помалку од законски предвидените. Во Куманово недостигаат 49 пожарникари, во Битола има кусок од 32, а во соседен Прилеп од 26 пожарникари“ се додава во извештајот.
Кога станува збор за возилата, како што е наведено во извештајот, противпожарните единици располагаат вкупно со 241 возило, каде спаѓаат не само возилата за гасење пожар и цистерните за вода, туку и сите други возила на противпожарните екипи. Просечната старост на возилата е 28 години и 68 % од нив се од минатиот век. За споредба, според истражувањето од пред точно една година, бројот на возила изнесуваше 220, просечно стари 27 години. Исто така, последното истражување на возилата на министерствата и општините покажа дека нивната старост, пак, е 12,5 години.
Ова истражување е дел од предвидените десет истражувања и бази на податоци за трошењето на јавните пари кои се реализираат во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс