Димишков: Сакаа да ме искористат како адвокат, за мојата сестра судијка да биде изземена од предметот

Судењето за „Рекет“ продолжува со сослушување на сведоците на Бојан Јовановски – Боки 13.

Адвокатот Васил Димишков, брат на судијката по претходна постапка Весна Димишкова е првиот сведок на одбраната. Инаку, Димишкова е судијката која му одреди притвор на бизнисменот Орце Камчев за случајот Империја и му го продолжи истиот.

Нејзиниот брат пред судот рече дека во неколку наврати Зоран Милески Кичеец и сопругата на Камчев, Ана Камчева, се обидувале да го вклучат во тимот адвокати.

„Откако му одредија притвор на Камчев наредните денови се јавуваа мои роднини пријатели, ме викаа на кафе, ми кажуваа дека се пријатели со Камчев и прашуваа што може да се помогне. Јас викав дека не можам ништо да помогнам. Меѓу нив беше и Зоран Милески, на кој иако му имав кажано дека тоа што го бара од мене не можам да го направам, тој инсистираше на повторни средби, бараше да бидам ангажиран како бранител... И во една прилика тој направи средба и со Ана Камчева", рече тој.

Кога се сретнале, според Димишков, Камчева му рекла дека има стратегија да го зголемат тимот бранители и дека планираат да го вклучат во тимот.

„Реков ќе направам пресметка, изанализирав и проценив, односно и го прозрев нивните намери, односно сметам дека тие сакаат да ме искористат и ангажираат за бранител, бидејќи судијката, моја сестра која постапуваше по претходна постапка, тогаш по сила на закон ќе биде изземена од предметот. Проценив дека не би требало да прифатам да бидам бранител во предметот", рече тој.

Кога се јавил Милески, рече Димишков, тој кажал сума која знаел дека за нив нема да е прифатлива. Оттогаш, никој не го побарал. Димишков рече дека се познава со Бојан Јовановски, односно бил ангажиран да за правните работи во Меѓународниот сојуз, а потоа, со отворањето на 1ТВ, бил ангажиран околу различни предмети, блокади на сметки, извршувања итн.

Одбраната на Бојан Јовановски и Катица Јанева за наредниов период предлагаат дузина сведоци меѓу кои и ексградоначалникот на Центар и газдата на Тинекс Владимир Тодоровиќ и сопственикот на „Пелистерка“, Цветан Панделески.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.