Бачев, Кекеновски и „Тврдокорни“ во коалиција, најавија лавовска борба за Македонија

Единствена Македонија на Јанко Бачев, ФРОДЕМ на Јове Кекеновски и здружението „Тврдокорни“ потпишаа договор за коалиција на претстојните парламентарни избори.

 

Кекеновски на настанот ја образложи потребата од оваа коалиција.

 

„Ова го правиме поради манипулативното и нечесно владеење на политичката гарнитура на власт, предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Северна Македонија, како и поради сервилната и обезличена опозиција, предводена од Демократската партија за северномакедонско национално единство, која цело време дејствува и е во функција и интерес на актуелната партија на власт“, истакна тој.

 

Бачев пак нагласи дека се обврзуваат да ги поништат сите штетни договори за земјата, доколку дојдат на власт.

 

„Ние се заветуваме, даваме збор дека ќе го поништиме Преспанскиот договор, ќе го поништиме Договорот со Бугарија со којшто се бришат Македонците во Пиринска Македонија, ќе го поништиме фалсификуваниот попис со кој Албанците лажно беа прикажани во 2002 година дека се 25,17 отсто и ќе спроведеме попис кој што реално ќе ја прикаже бројката на населението во Македонија, ќе ја поништиме двојазичноста“, рече лидерот на Единствена Македонија.

 

„Ние во секој Македонец ќе му го разбудиме лавовското и ќе се бориме за оваа земја“, рече Горан Неделковски од „Тврдокорни“.

 

Освен нив, во коалицијата се придружија и Унијата на ветерани на ВМРО 1990, ВМРО ДПМНЕ - Демократска фракција и Здружението на македонските друштва од Швајцарија.

Искра Манојлоска





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.