Османи: Обезбедивме 55 респиратори, се чека нивна испорака

„Државата обезбеди 25 респиратори од страна на УНОПС преку средствата обезбедени од Норвешка, а дополнително се резервирани уште 30 респираторни машини преку УНДП од доставувач од Кина за чија набавка на располагање ќе се стават дел од итните средства што ги обезбеди Европската Унија за поддршка на земјата во справување со коронавирусот“, истакна заменик-претседателот на Владата, Бујар Османи.

Тој додаде дека Кина позитивно одговорила и на барањето за донација, со напомена дека количините, најверојатно, нема да бидат на ниво на побараните 200 респиратори и дека Кина во моментот работи на обезбедување на помошта бидејќи не сите количини ги има на лагер, туку тековно ги произведува. Воедно, Османи истакна дека Амбасадата на Кина дополнително ќе донира 30.000 евра, што претставува целиот годишен фонд со кој располага амбасадорот за борба против Ковид-19.

Османи рече дека Владата уште минатата недела формирала работна група, која тој ја предводи во улога на национален координатор за распределба на странска помош во земјата. Тој информира дека во Секретаријатот за европски прашања на едно место се собираат приоритетите и потребите, од каде што централизирано се настапува пред меѓународните донатори, при што нагласи дека веќе е направена првична листа на приоритети.

На прес-конференцијата Османи информира дека Европската комисија преку еврокомесарот за проширување, Оливер Вархељи, позитивно одговорил на писмото, кое во име на Владата е испратено од негова страна минатата недела, а во кое комесарот информира за неколку одлуки со кои Европската Унија ќе ја поддржи земјава во справување со предизвиците од епидемијата со Ковид-19.

„Прво, тоа се четири милиони евра, средства за итни потреби, од кои дел ќе се употреби за набавката на 30 респиратори преку УНДП; второ, комесарот информира дека е прифатена инцијативата и веќе е даден налог да се ослободат 50 милиони евра, кои беа предвидени како награда за успешност, за справување со социо-економските предизвици од епидемијата, а обезбедени се 9 милиони евра за проекти од програмата за поддршка на мали и средни претпријатија, како и 3 милиони за поддршка на буџетот. Со сето ова засега, Европската Унија во погон става средства во износ меѓу 65 и 70 милиони евра, кои ѝ стојат на земјава на располагање“, истакна Османи.

Во оваа насока тој додаде дека Вархељи потврдил дека ЕК ги разгледува можностите за вклучување на земјата во пошироките механизми на Европската Унија во справување со Ковид-19. Во писмото е наведено дека се разгледува можноста за вклучување на земјата во Европскиот солидарен фонд, вклучување во групните набавки на Унијата, но и дека се разговара со меѓународните финансиски институции за адресирање на ликвидноста и финансиските предизвици на приватниот сектор, нешто што исто така беше побарано од наша страна во писмото минатата недела.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.