Пациентка од Струга утрово почина од коронавирус

Утрово од коронавирус почина пациентка на 66 годишна возраст од околината на Струга, информираат од Министерството за здравство.

Таа и нејзиниот сопруг биле дијагностицирани позитивни на вирусот во текот на вчерашниот ден.

Според информациите на Министерството за здравство, станува збор за пациентката која имала срцева болест, хронична белодробна болест и покачен крвен притисок.

„Според епидемилошката анкета, семејството на починатата жена непосредно пред прогласувањето на кризната состојба во Дебар (13 Март) биле на гости во Дебар и имале контакт со еден од таму заболените доктори, а по сознанието дека и тој е позитивен на коронавирус, семејството било во домашна самоизолација. Откако се јавиле првите симптоми кај починатата, таа на 24 март закажала тестирање на коронавирус преку својот матичен лекар. Материјал за тестирање е земен на 26 март, а резултатите пристигнале во текот на вчерашниот ден“, велат од министерството.

Додаваат дека заради нагло влошената состојба на пациентката, матичниот лекар уште веднаш препорачал хоспитализација на Инфективното одделение во охридската болница, но до добивањето на резултатите вчера, пациентката не е примена во болница.

Министерството најавува целосно ревизија на случајот за да се утврди дали има лекарски пропуст во овој случај.

Во текот на вчерашниот ден направено е тестрирање на персоналот на Клинката за кардиологија, сите тестови се негативни на Ковид-19.

Досега од коронавирус во Македонија починаа четири лица.

Во изминатите 24 часа, потврдени се нови 22 случаи на коронавирус, со што бројот на заразени се искачи на 241 лице.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.