Про Анима Берово: Куче во Пехчево рането со воздушна пушка, бараме поголема превенција

Здружението за заштита на животните Про Анима Берово објави фотографии од куче во Пехчево со рани добиени од воздушна пушка. Од Здружението велат дека во кучето било пукано во присуство на жена и деца, кои истовремено ја поминувале улицата, со што и тие биле изложени на опасност.

„Вчера во Пехчево, некаде околу 16 часот, кучето на сликите, е пукано со воздушна пушка во момент кога поминувало улица. Кучето има 5 рани, од иста природа, ама со различно време на нанесување на истите, што укажува на повеќекратно изживување врз него. Пукањето е извршено во присуство на жена и деца, кои истовремено ја поминувале улицата, со што и тие биле изложени на опасност. Самите тие можат да го потврдат идентитетот на групата од која бил дел сторителот. Веднаш е известен сопственикот на кучето“, велат од Про Анима Берово.

Од таму додаваат дека го пријавиле случајот во полиција и дека сведоците дале изјава.

„Иако, мора да нагласиме,таткото на еден од групата, во телефонски повик и се заканувал, како на неа,така и на нејзиниот сопруг, со цел да ги исплашат и одвратат од сведочење“, велат од Здружението.

Додаваат дека ова не е единствен случај и дека и друг сопственик се пожалил на иста повреда кај неговото куче.

„Ги повикувме институциите во Пехчево и Берово да останат професионални и коректни како и вчера и така да ја продолжат постапката. Исто така бараме од надлежните јасна и остра реакција за овој настан. Бараме осуда за ваквиот чин на самоволие кое е противправно и казниво. Бараме поголема превенција и контрола на благосостојбата како на луѓето,така и на животните“, велат од Здружението.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.