Граѓаните кои имаат потреба од лекар за време на полицискиот час не мора да се јават на 192

Владата денеска ја започна серијата информативни видеосесии со наслов „КОВИД-19, прашања и одговори“, во чии рамки се одговараат актуелните прашања поврзани со актуелната состојба со здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот.

На денешната информативна сесија, беше отворено и прашањето, каква е постапката доколку граѓаните поради неодложни, моментални здравствени проблеми имаат потреба од лекар.

„Го имавме предвид ова, бидејќи во животот се случуваат и непредвидени работи, граѓаните немаат потреба да бараат на броевите 192, или да бараат дополнителна дозвола, туку тие треба да се упатат до најблиската болница и доколку бидат сопрени од теренските контроли доволно е да ја кажат точната локација на здравствена установа каде се упатуваат. Тие ќе бидат евидентирани и пропуштени, а полицијата ќе изврши дополнителна контрола дали лицето навистина се упатило на наведената локација“, објасни заменичката министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска, која нагласи дека злоупотребата ќе биде санкционирана.

На денешната информативна видеосесија беше потенцирано дека сите угостителски објекти и ресторани кои испорачуваат храна ќе можат да работат за време на дополнителната забрана, користејќи ги истите дозволи кои издаваат самите одговорни лица во компанијата. Инспекциски надзор за тоа дали трговските објекти ги почитуваат цените прави Пазарниот инспекторат кој секојдневно е на терен во сите трговски објекти, а сите злоупотреби можат да се пријават на бесплатната линија 191.

На денешната информативна сесија беше отворено прашањето и за работата на градежните фирми и големи корпорациски системи, односно дека и тие можат да работат непречено, со препорака самите да го организираат производниот процес почитувајќи ги сите препораки на Владата, односно Министерството за здравство, како што е лимитирањето на бројот на работниците, да се одржува растојание од 1,5 до 2 метри, да се почитуваат општите препорачани мерки за повисоко ниво на лична и општа хигиена и дезинфекција на сите работни простории, особено во погоните, од овластена служба за тоа, со цел намалување на опасноста од инфицирање со вирусот.

Во врска со организирањето на такси превоз беше кажано дека постојат дежурни возила, кои можат да ги превезуваат граѓаните од нивниот дом до здравствена установа и за оние кои имаат дозволи за движење.

За превозот на вработените во здравствените установи, во соработка со Градот Скопје е организиран превоз со возила на ЈСП и друг вид возила, кои ќе возат по точна одредена рута за која ќе бидат информирани здравствените работници.

Во врска со извршувањето на работни задачи на терен, заменичката-министерка Петровска постои ограничување и во еден автомобил н смеат да се возат повеќе од тројца и во оваа бројка се смета и возачот, и дека освен заштитната опрема, потребна и соодветна дозвола кои ги издаваат работодавачите за движење на работниците во време на полициски час исклучиво до и од работното место.

Од денеска на ниво на целата територија на државата забрането е движење секој работен ден, од понеделник до петок, од 16 до 05 часот наредниот ден. За време на викендот се забранува движењето за сите граѓани од петок во 16 часот до 05 часот во понеделник на целата територија на државата.

Дополнително, за лицата над 67-годишна возраст се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 10:00 часот до 12:00 часот. За младите лица до 18 години се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 13:00 часот до 15:00 часот.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.