И полицајците приправници ќе бидат активирани во редовите на МВР

Владата донесе уредбата со која, поради прогласената вонредна состојба во државата, се наложува ангажирање на целокупниот капацитет на организациските единици во рамките на Министерството за внатрешни работи, вклучително и полицајците приправници.

Со оваа уредба се врши прецизирање на периодот кога полицаецот приправник ќе го полага посебниот, односно приправничкиот испит, и се утврдува дека испитот ќе се спроведе по завршувањето на вонредната состојба, а со цел овозможување редовно функционирање на државата и заштита на јавното здравје, а воедно спречување ширење на  коронавирусот (Ковид-19).

Владата денеска ја донесе уредбата со законска сила за примената на Законот за извршување на санкциите за време на вонредна состојба во согласност со која се одлага извршувањето на упатните акти за извршување на казната затвор на лица осудени на казна затвор до три години, и тоа до 1 септември 2020 година, освен за предметите каде што постои опасност за застарување на казната. Исто така, до 1 септември 2020 година се одлага извршувањето на упатните акти кои се веќе доставени до казнено-поправните установи, освен за упатните акти за кои се веќе издадени меѓународни потерници. А лицата што се наоѓаат на издржување на мерката притвор, по правосилноста на пресудата, веднаш се упатуваат на издржување на казната затвор. Предлог-уредбата се донесува заради заштита од ширењето на болеста Ковид-19 во казнено-поправните установи.

На оваа седница е донесена и уредба со законска сила за дополнување на уредбата со законска сила за примена на Законот за нотаријатот за време на вонредна состојба во земјата во делот на обврската за одржување на испитите за нотари, со одредби за продолжување на мандатот на органите на Нотарската комора.

По предлог на Министерството за правда, Владата денеска донесе уредба со законска сила за примена на Законот за судската служба за време на вонредна состојба, со која вработените во судската служба, кои работно се ангажирани за времетраењето на привремените мерки за заштита од ширење и превенција од коронавирусот Ковид-19, неискористениот дел од годишниот одмор од календарската 2019 година може да го искористат до 31 мај 2020 година во согласност со потребите на работниот процес и врз основа на одобрение од претседателот на судот.

На вработените во судската служба, кои се ослободени од извршување работа и работни задачи, во согласност со мерките за заштита од ширење и превенција од коронавирусот Ковид-19, неискористениот дел од годишниот одмор од календарската 2019 година им се смета за искористен.

Истите овие одредби за користење на годишниот одмор Владата ги донесе и во уредбата со законска сила за примена на Законот за јавнообвинителската служба за време на вонредна состојба.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.