Мицкоски: Македонската нација и јазик поминале низ поголеми премрежија, но останале тоа што се

„На денешен ден пред 75 години македонската азбука е усвоена како официјално писмо на македонскиот јазик. Блаже Коневски велеше јазикот е нашата татковина, а Крсте Петков Мисирков напиша дека постои македонска национална култура и историја, зашто тој факт го вооружува македонскиот народ со непобедливо оружје во неговата борба за човечки права и за слободен национален живот како рамноправен член во бројот на културните народи.

Денеска како никогаш порано македонскиот јазик и нација се ставени пред премрежије и негација поради лошите и непромислени политики на актуелната власт. Штетната политика на власта ја отвори вратата на пропагандите, негациите, проблемите, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во честитката по повод 5 Мај - Денот на македонскиот јазик и азбука.

„Нашето вековно постоење и македонската самобитност на нација и јазик е загрозена и замената со желбата за моќ и пари на оние кои управуваат со власта. Тие сакаат да управуваат и тргуваат со нашето постоење. Со едната рака покажуваат како го бранат јазикот, со другата го раскрчмуваат.

Но, сакам да потенцирам дека јазикот е жива материја и истиот опстојувал со веков и ќе продолжи да опстојува и понатаму без разлика кој и да сака да го загрози. Македонската нација и јазик поминале низ поголеми премрежија, но останале тоа што се. Ќе го поминеме и овој период како што доликува. Повикувам на поголема свесност на негување и зачувување на нашиот јазик. Дозволете ми уште еднаш да ви го честитам 5 Мај - Денот на македонскиот јазик и азбука со желба за долг и вековен развој“, додава Мицкоски.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.