Чулев: Полицајците заслужуваат награда, Спасовски бргу заборави за нивната пожртвуваност

Денешната изјава на министерката за финансии, Нина Ангеловска, е уште еден доказ за негрижата на Владата предводена од Оливер Спасовски за вработените во МВР, се наведува во ракцијата на министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев.

 

 

Министерката Ангеловска денес рече дека при правење на ребалансот Чулев доставил предлог за кратење од 88 милиони денари во МВР и дека во моментот нема можност за делење награди, што како предлог тој го објави во текот на вчерашниот ден.

 

Чулев, пак, смета дека со ваквата изјава Ангеловска јавно го кажала тоа што во суштина го мисли Оливер Спасовски.

 

„Оливер Спасовски во изминатиот период постојано потенцира дека стандардот на полициските службеници е важен, но веројатно само кога тој е на чело на Министерството за внатрешни работи. Грижата за нив и за нивните плати заврши во моментот кога тој замина од МВР. За Оливер Спасовски и министрите во Владата, маргинален е фактот дека полициските службеници деноноќно и неуморно застанаа во одбрана на здравјето на граѓаните на нашата држава“, нагласува актуелниот министер за внатрешни работи.

 

Тој ги повикува полициските синдикати јавно да се спротивстават на одлуката што Владата има намера да ја донесе, а со која нема да се прифати неговиот предлог за награда од 15.000 денари линеарно и еднократно за секој вработен.

 

„Во врска со денешната изјава на Ангеловска дека предлогот за кратење е доставен од моја страна, напоменувам дека до сега од буџетот на МВР се скратени речиси 5 милиони евра и кратењето е направено по барање на Министерството за финансии, а за потребите на ребалансот на буџетот. Ова кратење го направивме така што тоа да има најмал негативен ефект врз вработените“, посочува Чулев.

 

Тој и натаму е убеден дека наградата што ја предлага за вработените во МВР е повеќе од заслужена и дека таа ќе влијае мотивирачки врз понатамошниот ангажман на полициските службеници во врска со коронавирусот.

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.