Филипче: Медиумите да престанат да изнесуваат непроверени информации за бројот на заболени од Ковид-19

Министерот за здравство, Венко Филипче, упати молба до медиумите да престанат да изнесуваат шпекулативни и непроверени информации околу бројот на заболени лица од Ковид-19.

„Деновиве голем број на медиуми уште рано наутро објаувуваат неофицијални и речиси секогаш неточни информации за бројот на новозаболени. Од самиот почеток на оваа криза лично јас и целиот мој тим за односи со медиуми сме ваш партнер. Веќе 100 дена навремено, прецизно и транспарентно ја известуваме јавноста. Ги соопштуваме сите детали за новозаболените од Ковид-19, сè со цел медиумите да имаат точна информација.

Уште еднаш ги замолувам медиумите да престанат да изнесуваат шпекулативни и непроверени информации околу бројот на заболени лица од Ковид-19. Ги молам да ја зачуваат својата улога и задача која ја имаат кон јавноста за навремено, точно и проверено известување“, вели Филипче.

Тој вели дека непримерно е во ситуација кога има секојдневно заболени и секојдневно се известува и за секоја најмала промена, да се шпекулира со податоци токму од страна на оние кои треба да обезбедат прецизна информација за јавноста.

Со тоа, вели Филипче, се внесува конфузија кај населението и недоверба во институциите. Министерот наведува и дека искрено верува дека ова не е целта.

„Објавувањето број на новозаразени со Ковид-19 од страна на медиумите не смее да биде трка на ексклузивитет, зошто станува збор за чувствителни информации за здравјето и животот на граѓаните. Објавувањето на вакви непроверени информации е уште повеќе несфатливо затоа што Министерството за здравство редовно ги објавува сите информации, а доколку има промени и по неколку пати на ден. Сите прашања на новинарите се одговараат постојано и на дневно ниво“, вели Филипче и додава дека искрено се надева дека оваа пракса ќе престане.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.