Спасовски: Со спортската сала во училиштето „Вера Јоциќ“ завршивме проект заглавен од претходната власт

Увид во работите на спортската сала во склоп на училиштето „Вера Јоциќ“ во Хиподром, денеска извршија премиерот Оливер Спасовски и заменик-министерката за образование и наука, Елизабета Наумовска.

Спасовски при посетата истакна дека еден од стратегиските столбови на Владата во изминатите три години била поддршката на единиците на локалната самоуправа.

„Општина Гази Баба е една од единиците на локалната самоуправа со која заеднички спроведуваме долга листа на проекти од инфраструктурата и други проекти кои значат унапредување на квалитетот на животот на граѓаните“, рече премиерот.

На таа листа тој ги истакна и изградбата на локални и меѓуопштински патни делници, училишта и градинки.

„Повеќе од 10 години учениците немаа функционална спортска сала, а наставата ја одржуваа во училишниот хол. Новата сала е на површина од 650 квадратни метри комплетно опремена со спортска опрема и реквизити, санитарни јазли, соблекувални со туш кабини. Објектот е енергетски ефикасен со овозможен пристап за лица со попреченост. Со спортската сала се комплетира функционалноста на основното училиште 'Вера Јоциќ' кое беше завршено оваа година, низ неговите ходници се исполни џагорот на децата. Вредноста на проектот изнесува 55 милиони денари средства на Владата. Објектот е на површина од 2.125 квадратни метри и има 12 училници, 6 кабинети, библиотека, помошни простории и има капацитет за 600 ученици. Изведен е лифт за лица со инвалидитет и пристапни рампи. Завршивме проект кој беше заглавен во фиоките на претходната локална и централна власт, затоа што оваа Влада исполнува ветувања“, потенцираше Спасовски.

Заменик-министерката за образование и наука, Елизабета Наумовска, истакна дека спортската сала е инвестицијата вредна 24 милиони денари.

„Средствата се обезбедени од буџетот и со заем од Банката за развој при Советот на Европа. Во моментот останува уште опремување со спортска опрема и реквизити, кои во услови на коронавирусот треба да се дистрибуираат од странство (опрема од ЕЛАН). Се очекува салата да биде комплетно завршена за почетокот на претстојната учебна година“, рече Наумовска во својата изјава.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.