Владата ќе ја помогне изградбата на Водоводот во тетовско Синичане

Владата ќе ја помогне изградбата на Водоводот во тетовско Синичане, беше заклучено по синоќешната средба во Владата на која присуствуваа министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, министерот за локална самоуправа Горан Милески, министерот за внатрешни работи Агим Нухиу, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, градоначалникот на Oпштина Боговиње Албон Џемаили и претставници од месните заедници на тетовските села Синичане и Урвич, а на која се разговараше за настанатите проблеми со водоснабдувањето во овие две села.

Целта на состанокот беше да се разговара со сите засегнати страни за да се разберат причините за настанатата ситуација, како и да се увиди што презела досега Oпштината за решавање на снабдувањето со вода за пиење и наводнување за потребите на локалното население.

Министерот Нухиу истакна дека присуството на полициските службеници на местото каде почнаа работни активности минатиов период било исклучиво по барање на жители на околните села и проценка на полицијата по изработен оперативен план, со цел да не дојде до посериозно нарушување на јавниот ред и мир.

Откако сите засегнати страни имаа можност да ги искажат своите мислења во врска со настанатата ситуацијата околу изградбата на водовод за жителите на Синичане, беше утврдено дека полицијата е добредојдена од сите за одржување на редот и мирот, а беше побарано од градоначалникот на Oпштина Боговиње во текот на денешниот ден да оствари заедничка средба со претставници од двете села со цел надминување на несогласувањата и изнаоѓање на заедничко решение.

Од изнесеното на средбата беше заклучено дека од Општината сè уште не е изготвена потребната проектна документација за изградба на систем за водоснабдување за селото Синичане. Со цел побрзо решавање на проблемот и обезбедување на вода за пиење за жителите, присутните владини претставници изразија подготвеност Владата да даде поддршка на сите засегнати страни и да и помогне на Општината во обезбедување на потребната техничка документација, како би се обезбедило трајно решение за прашањето со снабдување со вода за популацијата во овој регион.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.