Пендаровски ги прими учениците кои на 24. Јуниорска балканска математичка олимпијада освоија олимписко злато, сребро и две бронзи


Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими учениците - натпреварувачи на 24. Јуниорска балканска олимпијада по математика кои освоија златна, сребрена и две бронзени медали.

Тој им честита на учениците за овој извонреден успех, нагласувајќи дека целата македонска јавност со голема радост ја прими оваа вест, која кај сите предизвика чувство на гордост и на среќа.

„ Уживајте во овие моменти и радувајте се. Да се биде победник во олимпијада е голема работа и сите не направивте горди. Вие сте позитивен пример за сегашните и идните генерации – Ви благодариме“, рече Претседателот.

Тој додаде дека нивниот успех покажал дека нема нерешливи задачи, кога кон нив се пристапува тимски и одговорно.

„ Вашите медали што гордо и денеска ги носите на градите упатуваат порака до сите млади во нашата држава дека со посветена и напорна работа, со вложен труд секогаш резултатите доаѓаат“, нагласи претседателот Пендаровски.

Претседателот им порача на учениците дека очекува да продолжат по истата патека, дека секогаш со мотивираност, желба и дисциплина можат да се совладаат и најголемите предизвици.

Учениците ги раскажаа своите импресии од одржаната олимпијада, како и периодот на нивните подготовки, кои во услови на пандемијата на КОВИД-19, минаа во специфични околности.

„Тоа не го намали нашиот ентузијазам и желба за успех. Напротив, тоа не мотивираше дополнително и со поголем елан да работиме и да покажеме дека и во нашата земја се негува љубовта кон математиката“, рекоа учениците на средбата.

Тие изразија благодарност за приемот во претседателскиот Кабинет и ветија уште поголеми успеси во иднина.

Во периодот од 9 до 13 септември 2020 година во Грција виртуелно се одржа 24. Јуниорска балканска математичка олимпијада на која нашата екипа, сместена во просториите на Природно-математичкиот факултет во Скопје, се натпреваруваше преку видео-конференциска врска.

Екипата ја сочинуваа: Никола Спировски – добитник на златен медал, Дамјан Давков – добитник на сребрен медал, Никола Цветаноски – добитник на бронзен медал, Марија Атанасова – добитничка на бронзен медал, Матеј Гелев, Емилија Николовска, а водач беше Делчо Лешковски и заменик водач Борче Јошевски.

Годинава, на 24. Јуниорска балканска математичка олимпијада учествуваа 10 балкански држави и 8 држави – гости, а ги опфаќа сите ученици од основното образование и од средното образование кои до денот на одржувањето не навршиле петнаесет и пол години.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.