Битиќи најави зголемување на трговската размена со Словенија во пост ковид периодот

Вицепремиерот зaдолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, се сретна со новоименуваниот словенечки амбасадор во Северна Македонија, Н.Е. Милан Предан, со кого разговараа за мерките за справување со економската криза предизвикана од коронавирусот, економската соработка помеѓу двете земји и европските интеграции на нашата земја.

Во своите воведни излагања вицепремиерот Битиќи и амбасадорот Предан се осврнаа на актуелната ситуација со Ковид 19 во двете земји и констатираа дека имплементирањето на мерките за зачувување на здравјето на граѓаните и за справување со економските последици е врвен приоритет за двете земји. Воедно, истакнаа дека очекуваат зголемување на трговската размена помеѓу двете земји и побрзи стапки на економски раст во пост ковид периодот.

Амбасадорот Предан посочи дека Северна Македонија може да очекува поддршка од Словенија во спроведувањето на реформите во земјата во насока на евро-интеграциите, како и споделување на искуства за проекти со кои земјата би аплицирала во инвестицискиот фонд за Западен Балкан на ЕУ, во вредност од околу 9 милијарди евра.

Битиќи нагласи дека Словенија, која по површина и број на жители е слична на Северна Македонија, претставува одличен пример на земја која применува стратегија на долгорочно планирање и спроведува политики за рамномерен регионален развој. Вицепремиерот информираше дека Владата започна со креирање на Национален план за развој, своевидна долгорочна стратегија, која треба да обезбеди инклузивен, одржлив и побрз економски развој, како и рамномерна распределба на средствата, за повисок животен стандард и подобри услови за живот на сите граѓани во земјата.

Вицепремиерот Битиќи и амбасадорот Предан се согласија да продолжат со меѓусебна комуникација во насока на унапредување на политичките и економските односи помеѓу двете земји.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.