„Политико“: Вархеји и ЕПП не се доволно остри кон Борисов и Софија за блокадата за Македонија

Еврокомесарот за добрососедство и проширување Оливер Вархеји беше премногу мек кон Софија, а Европската народна партија (ЕПП) не беше доволно остра кон бугарскиот премиер Бојко Борисов, пишува „Политико“ во анализа за еврокомесарите и нивната работа за годината што изминува.

„Политико“ се задржува на блокадата на Бугарија, во делот посветен на еврокомесарот за добрососедство и проширување Оливер Вархеји, оценувајќи ја блокадата како еден од неговите лоши моменти оваа година.

„Најлоши моменти: Блокадата на Бугарија за преговорите за членство со Северна Македонија поради билатерален спор околу јазикот и идентитетот ѝзададе удар на целта Комисија да почне преговори пред крајот на годината. Некои дипломати го обвинуваат Вархеји дека е премногу мек кон Софија, но повеќето велат дека главниот проблем е што Европската народна партија (ЕПП) не е доволно цврста кон бугарскиот лидер Бојко Борисов. Критиката кон Вархеји е дека тој е повеќе засегнат за унгарските интереси, отколку за ЕУ како целина. „Кога зборува за Србија, се чини дека е подготвен да ги затвори очите“, поради блиските врски меѓу Србија и Унгарија во енергетскиот сектор, рече еден дипломат. Официјален претставник на ЕУ ги отфрли овие обвинувања, велејќи дека тој работи на ист начин како и другите комесари“, пишува Политико.

Понатаму се наведува дека клучниот играч во обидите да се одблокира застојот меѓу Бугарија и Северна Македонија е германското претседателство, а не Вархеји.

Според „Политико“, додека тоа не се случи, голем дел од неговата работа е практично замрзната.

„На крајот, Вархеји ќе биде оценет дали кандидатите за членство во ЕУ, вклучително и оние што веќе водат разговори, како што се Србија и Црна Гора, ќе се приближат до ЕУ под негов надзор“, додава „Политико“ во анализата.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.