Захариева: Како би се чувствувале по 75 години од војната некој да ве нарече фашист
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 11 Декември 2020
Бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева вели дека најголемиот проблем во односите со Северна Македонија се недоволните гаранции за спроведување на Договорот за добрососедство.
Во интервју за германскиот јавен сервис АРД, Захариева вели дека Софија нема да даде зелено светло за почеток на пристапните преговори се' додека тие гаранции не станат дел од Преговарачката рамка.
„Бугарија сака да биде признаена историската вистина. Тоа не беше проблем за Северна Македонија кога се потпишуваше Договорот - тоа заедничко минато кое треба да не' поврзува, а не да не' разделува. Ние не велиме: Овие херои се само наши. Ние велиме: Тоа се заеднички херои. Тоа е модерно размислување на две земји, особено доколку сакаат да бидат заедно во ЕУ. Не може секојпат кога некој во Северна Македонија јавно ќе каже дека некој од овие херои бил Бугарин, да биде јавно линчуван. 30 години по падот на тоталитарните режими, тоталитарните методи и пристапи не смеат да бидат државна политика“, вели Захариева за АРД.
Втората забелешка која ја изнесува Захариева се однесува на историските учебници во Северна Македонија. „Во учебниците во Северна Македонија Бугарите се' уште се претставени како фашисти. Како би се чувствувале Вие, кога 75 години по војната некој се уште би ве претставувал како фашист?", вели таа.
Понатаму во разговорот, бугарската министерка ја образложува потребата од вметнување на бугарските барања во Преговарачката рамка, иако тоа беше одбиено од актуелниот претседавач со ЕУ, Германија.
„Не сакаме да ја блокираме Северна Македонија. Но, доколку во Преговарачката рамка немаме никакви гаранции, невозможно е да се каже 'да'. Сеедно дали од сегашното или идното претседателство на ЕУ, доколку нашите предлози бидат ставени за дискусија во Преговарачката рамка, Бугарија ќе биде во можност да каже 'да'“, додава таа.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс