Се очекува британскиот вид на вирусот да стане доминантен во Македонија

Откако беше откриен првиот случај на британскиот вид на коронавирусот, доктор Горан Кунгуловски вели дека тој во наредниве месеци најверојатно ќе стане доминантен во Македонија.

„Засега знаете има неколку вакцини на пазарот, првите сознанија се дека мутацијата не влијае на ефикасноста на вакцината“, вели Кунгуловски.

Тој вели дека за разлика од обичниот грип, за коронавирусот нема да биде потребно сезонско вакцинирање.

„Добрата работа е за разлика од инфлуенца, од грип вирусите, овој вирус еволуира многу побавно и тоа има големо влијание врз дизајн на вакцини, бидејќи знаеме дека за инфлуенца треба сезонска вакцина, за овој не знаеме, но најверојатно нема да има потреба од сезонска вакцина“, вели Кунгуловски.

Кунгуловски порачува дека треба да бидеме во постојан мониторинг и постојана фаза на претпазливост.

„Досега се детектирани илјадници мутации во коронавирусот и најмногу од нив се неутрални, немаат никаков ефект“, посочи Кунгуловски.

За пациентот каде што беше лоциран британскиот вид, тој вели дека не сака да коментира, но дека сепак вирусот се пренесува преку контакт, без разлика дали пациентот бил свесен за контактот преку кој го добил вирусот.

„Знаеме дека во самиот вирус се акумулирани неколку мутации, за секој позитивен пациент се детектираат три делови од коронавирусот, меѓу кои се детектира и спајк протеинот и ние откривме некои недоследности кај пациентот. Тоа нè наведе дека најверојатно има некаква мутација во спајк протеинот“, нагласува Кунгуловски.

Тој се надева дека  ќе биде многу лесно да се имплементираат вакви методологии и во другите лаборатории.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.