Заев: Aко Мијалков не биде пронајден, ќе има одговорност

Премиерот Зоран Заев кажа дека ексдиректорот на УБК и првоосомничен во „Таргет-Тврдина“, Сашо Мијалков, е во бегство.

Тој најави одговорност од институциите доколку Мијалков не биде пронајден, но кажа дека очекува и истрага за неговото исчезнување и расветлување на случајот.

„Народот бара и очекува правда. Се случи уште едно бегство. Јавноста е информирана дека судот донел одлука за притвор на Мијалков, којшто се очекува да биде осуден со пресуда во предметот 'Таргет-Тврдина'. Прочитав за мерката. Исто како и целиот наш народ, така и јас сме разочарани што сè уште не е пронајден и приведен Сашо Мијалков. Барам веднаш да постапат институциите и да го пронајдат. Убеден сум дека може да се спроведе. Очекувам детални информации од МВР и детали со истрага за самиот случај од судот, Јавното обвинителство и МВР. Очекувам одговорност ако не се спроведе решението за притвор за лицето кое е обвинето во случај кој за мене е еден од најважните случаи“, рече Заев.

Тој вели дека МВР постапува по законот и така било постапено.

Заев рече дека одговори на сите прашања поврзани со непронаоѓањето на Мијалков и деталите за тоа кога е последен пат виден и како е постапено ќе има наредните денови.

„Реков дека ќе побарам одговорност, кога ќе ги имаме деталите. Во БЈБ е примена наредбата и постапено по неа. Ако има каков било пропуст, ќе побарам јавно одговорност. Не можете да очекувате од мене да правам јавна истрага пред микрофоните и камерите. Ќе очекувам одговорност за ваквиот случај таму каде што затаило спроведувањето на законот. Очекувам Мијалков да биде ставен во домашен притвор“, додаде Заев.

Прашан дали бегството на Мијалков е политички договор, Заев негираше.

„Нема политички договор, апсолутно. Јас сум задоволен што по ограбување на државата сме обезбедиле правен процес, кој оваа недела треба да заврши. Веќе е најавена казна, на јавните седници, и веројатно тоа е причината што Мијалков не можел да би пронајден дома. Апсолутно до крај владеење на правото, без разлика за кого, каков момент, за власт или опозиција. Очекувам целосна разрешница и за случајот“, одговори Заев.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.