Новинар тешко повреден на протестот за „Монструм“

Новинар од Скопје вчера бил погоден со тврд предмет од толпата демонстранти, за време на протестот за случајот „Монструм“.

Тој бил пренесен во болницата Св.Наум Охридски, каде му биле констатирани тешки телесни повреди.

„На 26.02.2021 околу 17.30 часот во Полициската станица Бит Пазар, Б.С.(49) од Скопје пријавил дека, додека бил работно ангажиран како новинар за време на протестот за случајот „Монструм“, бил погоден со тврд предмет од толпата демонстранти, по што во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ му биле констатирани тешки телесни повреди. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопшти МВР попладнево.

Уште неколку случаи со нападнати новинари и медиумски работници претходно беа пријавени, а се случиле за време на насилните протести кај Бит-пазар.

Група демонстранти вчера се обиделе да им ја одземат опремата на медиумските работници од државната новинска агенција МИА. Снимателот бил турнат а неговата опрема оштетена.

Во третиот случај, новинар на дневниот весник Слободен печат бил спречен да ги извршува своите задачи од страна на полициски службеници во цивилна облека кои го извлекле на страна, му ја свиткале раката, безобразно и дрско се однесувале кон него и не го пуштиле додека не го избрише снимениот материјал со изговор дека ги снимал полицајците во лице.

Новинарските организации ги осудија нападите и побараа казни за извршителите.

Владата утрово порача дека ќе се спроведат постапки овие дела да бидат институционално расчистени.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.