Од денеска граѓаните повторно може да ги плаќаат своите сметки во пошта

Во одделни подружници на Македонска пошта од денеска (1 март) граѓаните повторно можат да ги плаќаат своите сметки и да вршат други плаќања во готово.

Функцинирањето на платниот промет во Пошта, кој беше во неколкумесечен прекин, во првата недела од март ќе биде достапен во повеќе подружници на Пошта и тоа: во Скопје 1 и Скопје 2, подружниците во Тетово, Гостивар, Кичево, Охрид, Битола, Прилеп, Кавадарци, Велес, Гевгелија, Струмица, Штип, Кочани и Куманово.

Во текот на март услугата ќе биде достапна и во сите останати единици на Пошта. Со ова граѓаните веќе нема да мораат, како во изминативе месеци, да одат во некоја банка за да ги извршат овој вид плаќања, туку тоа ќе можат да го направат во најблиската пошта.

Платниот промет на Македонска пошта отсега ќе се одвива преку „Халкбанк АД Скопје“, која беше избрана за партнер на Пошта, а која, согласно потпишаниот договор имаше обрска до 1 март да го имплементира системот за наплата.

Македонска пошта до пред некој месец имаше исклучително важно место во платниот промет, односно во над 300 филијали колку ги има Пошта, се одвиваше над 25% од вкупниот платен промет во земјава. Од Македонска пошта очекуваат дека за брзо време ќе се вратат на оваа позиција што ќе придонесе и за финансиско зајакнување на преторијатието.

„Пошта во соработка со Халкбанк обезбедува можност за плаќање на сметки, како и вршење на други финансиски трансакции со најниска провизија и тоа во повеќе од 300 точки низ државата. Голем број граѓани и компании изминатиов период апелираа да ја обновиме оваа услуга бидејќи постојат многу места низ целата земја каде нашите шалтери се единствената физичка опција за вршење на трансакции од платниот промет. И токму ова претставува голема одговорност и обврска која повторно ја преземаме“, изјави Јани Макрадули, генерален директор на Македонска пошта.

Плаќањето во готово преку шалтерите на Пошта ќе биде со провизии од 35 денари за плаќање сметки и други режиски трошоци, додека висината на провизиите за уплати кон буџетски установи е во зависност од износот кој се уплаќа.

Според најавите, во скоро време коминтентите на „Халкбанк“ на шалтерите на Пошта ќе можат да вршат и директни плаќања од своите сметки, а ќе бидат овозможени и други банкарски, дополнителни услуги.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.